Линкови за пристапност

Холдер го објаснува начелото за убивање на Американци од Ал-Каида во странство


Вели, владата врши акции само на начин што е во согласност со американските федерални и меѓународни закони.

Американскиот главен правобранител Ерик Холдер го објасни начелото на администрацијата на претседателот Барак Обама што законски и` дозволува на владата да убива американски државјани во странство доколку верува дека се виши водачи на Ал-Каида, активно вклучени во планирање на операции за убиства на Американци.

Холдер се изјасни откако во медиумите протече доверливиот документ на Одделот за правда за употребата на напади со беспилотни летала против лица осомничени дека се припадници на Ал-Каида. Холдер рече дека владата врши акции само на начин што е во согласност со американските федерални и меѓународни закони.

„Нашата главна грижа е Американците да бидат безбедни, но тоа да го правиме на начин што е конзистентен со нашите закони и нашите вредности. Ние имаме - како основа за акциите што ги преземаме - конгресен статут што ни озвозможува да дејствуваме против Ал-Каида и инстанците поврзани со неа, не само во Пакистан и Авганистан, туку и во други делови на светот“, рече Холдер.

Холдер појасни дека осомничените лица на кои се цели мора да претставуваат директна закана за жесток напад врз САД, како и дека пред тоа мора да биде утврдено дека нивното фаќање е неостварливо.

Портпаролот на Белата куќа Џеј Карни рече дека претседателот Обама мошне сериозно ја сфаќа својата одговорност во војната против терористите од Ал-Каида, тврдејќи дека употребата на беспилотни летала против терористите е неопходна за да се спречат напади против САД.

„Ги вршиме тие напади бидејќи се неопходни за да се ублажат тековните, конкретни закани, за да се запрат заговори, за да се спречат идни закани и да се заштитат животите на Американците. Овие напади се законски, етички оправдани и разумни“, кажа Карни.

Нападите со беспилотни летала против лица осомничени дека се припадници на Ал-Каида бележат пораст. Некои од нив целеа на американски државјани, како наводните оперативци на Ал-Каида, Анвар ал-Авлаки и Самир Кан.
XS
SM
MD
LG