Линкови за пристапност

Заедничките владини седници


Премиерите на Македонија и Србија ја поздравија првата, аналитичарите - поделени

Иако Македонија и Србија добија услови од ЕУ какви што не важеа за други земји, тие продолжуваат со евроинтеграцискиот процес. Ова е заклучокот од заедничката седница на владите на Македонија и Србија во Белград, прва од серијата вакви регионални настани за демонстрација на добрососедските односи и соработка.

Премиерите Никола Груевски и Ивица Дачиќ изразија надеж дека со разум и двете цркви ќе најдат начин да го решат единственoто отворено прашање меѓу двете земји- непризнавањето на автокефалноста на МПЦ од страна на СПЦ. И двајцата беа децидни дека Македонија и Србија заслужуваат годинава да добијат датум за почеток на преговорите со ЕУ.

„Посветено работиме на процесот на помирување и затворање на отворените прашања од минатото во целиот регон со почитување на принципите на меѓународното право и јакнење на добрососедството. Во овој контекст успешната регионална соработка е уште една потврда за европеизирање на Македонија и Србија“, изјави македонскиот премиер Никола Груевски на прес-конференцијата по седницата.

Од дводневниот престој на македонскиот владин Кабинет во Белград произлегоа и серија иницијативи, а потпишани се и неколку договори за соработка во повеќе области - заеднички настап на трети пазари, протокол помеѓу министерствата за внатрешни работи за соработка во текот на претстојната туристичка сезона, како и меморандум за соработка во областа на здравството и медицинските науки.

Според српскиот премиер Ивица Дачиќ, средбата покажува дека „ и натаму сме приврзани за унапредување на билатералните односи на сите нивоа. Подготвени сме и би се радувале доколку би се прифатиле иницијативите да се обидеме да ги сублимираме нашите заеднички интереси како што тоа го прават другите региони, како Скандинавија, Балтичките земји“.

„Оваа седница е уште еден доказ за квалитетот на односите и соработката на Македонија и Србија, периоди, на заедничко минато и заедничка иднина на нашите народи“, рече Груевски.

Единствено што недостасуваше за сосема позитивен впечаток беше присуството на министрите од владејачката ДУИ во Белград.

Единствен кој коментираше беше министерот за животна средина Абдулаќим Адеми. Вели, не успеал да се подготви за седницата, па место него отпатувал неговиот заменик.

„Пред два дена ја добив агендата за владината седница во Белград и немав време да се подготвам, а имав и најавени неодложни обврски од претходно“, изјави Адеми во Тетово, кој таму беше на средба со градоначалничката Теута Арифи, на договори за стратегијата за расчистување на градската депонија.

Тој најави дека за следните вакви регионални седници на Косово, во Албанија и во Бугарија ќе биде подготвен.

Според еден од владините портпароли, Мухамед Хоџа, во Белград требало да отпатува вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими, но тој неделава ја започна најавената дипломатска офанзива во пресрет на јунскиот самит на ЕУ.

Македонските медиуми деновиве објавуваат ставови на аналитичари за тоа дали ваквата средба е добар или лош чекор, и дали отсуството на министерите од ДУИ е намерно или случајно. Додека едни сметаат дека ваквите состаноци можат само да ја подобрат соработката и оперативно и ефективно да ги помогнат заедничките проекти, други се на мислење дека ова е уште една грешка на македонската влада и дека единствено полезни се меѓународните состаноци во рамките на ЕУ. По истиот принцип, незаминувањето на министрите од ДУИ во Белград за едни е само коинциденција, а не за бојкот, додека за други е очекувано и разбирливо, бидејќи во период кога Србија и Косово имаат многу незатворени прашања, не треба да се очекува албанските министри да седат на иста маса со српското раководство.

Српската Влада прва одговори на македонската иницијатива за вакви заеднички седници на владите во регионот. Досега вакви барања се испратени и до Приштина, Тирана и Софија, но освен позитивните реакции на предлогот, засега нема договорени термини.
XS
SM
MD
LG