Линкови за пристапност

Џејн Армитаџ: Македонија води добра макроекономска политика


Џејн Армитаџ: Македонија води добра макроекономска политика
Џејн Армитаџ: Македонија води добра макроекономска политика

Интервју со регионалната директорка за Западниот Балкан во Светската банка

Светската банка е задоволна со развивањето на македонската економија по глобалната рецесија од 2009-та и прогнозира пораст на бруто домашниот производ меѓу 3 и 4%, вели Џејн Армитаџ, регионалната директорка за Западен Балкан во Светката банка, во интервјуто за Гласот на Америка.

Армитаџ ја истакнува ниската задолженост на Македонија во јавниот сектор како фактор за солидна макроекономска политика:

„Македонија има многу пониска задолженост во јавниот сектор – меѓу 25 и 26%. Во регионот има земји со 45, па дури и 60% задолженост. Поради долгогодишна солидна макроекономска политика, Македонија е поотпорна на новите кризи. Нејзиниот фискален дефицит од околу 2,5% е значително понизок од соседните земји. Тоа е мошне добра позиција во време кога ситуацијата може да стане потешка“.

Џејн Армитаџ: Македонија води добра макроекономска политика
Џејн Армитаџ: Македонија води добра макроекономска политика

Продолжување на досегашната макроекономска политика; поголема конкурентност преку унапредување на вештините на работната сила; реформи во образованието, подобрување на бизнис-климата во земјата; поголем број на инвестиции во инфраструктурата, се препораките на регионалната директорка на Светската банка.

„Не е доволно само да имате ефтина работна сила. Не треба Македонија да биде конкурентна затоа што има ефтина работна сила. Тоа значи низок стандард на живот. Потребен е високообучен кадар кој ќе биде конкуретен и ќе овозможи извоз“, вели Армитаџ.

Грчката криза може да има сериозни последици за Македонија, Албанија и за останатите земји на Балканот, смета претставничката на Светската банка:

„Грција е важен трговски партнер на Македонија. Ако таму опадне растежот, тоа е лоша вест за македонскиот извоз. Можеби ќе се надомести со извоз во други земји, но голем дел од него оди преку солунското пристаниште, и е во опасност да не појде надвор поради тамошните штрајкови и демонстрации. Ако општата неизвесност на Грција се прошири на соседните земји, тоа ќе се одрази врз нивниот економски растеж, неминовно и врз Македонија“.

Армитаџ сепак додава дека засега, во Светската банка нема загриженост за главните грчки банки во Македонија, затоа што имаат добра ликвидност и капитал.

XS
SM
MD
LG