Линкови за пристапност

Иванов лобира кај американски сенатори


Иванов лобира кај американски сенатори
Иванов лобира кај американски сенатори

Членството во НАТО на дневен ред на средбите со Патрик Лехи, Бернард Сандерс и Џин Шахин

На средбите со тројца демократски сенатори, Патрик Лехи и Бернард Сандерс од сојузнавата држава Вермонт и Џин Шахин од Њу Хемпшир во американскиот Конгрес, македонскиот претседател Ѓорге Иванов ги информирал за учеството на македонските војници во мировната мисијата ИСАФ во Авганистан.

Од делегацијата на претседателот Иванов информираат и дека тој ги запознал сенаторите за напорите на Македонија за интегрирање во ЕУ и НАТО, како и дека тие дале поддршка за членството во Северноатлантската алијанса. Истиот извор наведува дека не случајно се избрани токму овие законодавци, бидејќи имаат влијание во надворешната политика на САД. Сенаторите наводно порачале дека разбираат дека станува збор за чувствително прашање за разликите околу името, но дека сепак мора да се најде обострано прифатливо решение.

На едночасовната средба со претставници од македонската дијаспора во САД, пак, македонскиот претседател им се заблагодарил за ангажирањето и активностите за заштита на македонскиот идентитет.

Мето Колоски од Обединетата македонска дијаспора за Гласот на Америка изјави дека на средбата со претседателот станало збор за идните активности на ОМД, при што како приоритет било истакнато отворање на група за пријателство во Конгресот. Иванов бил запознат со активностите за организирање на симпозиум за разликите околу името во рамки на ОН, вели Колоски.

Дијаспората го поздравила фактот што македонскиот претседател организира средби со лидерите од главните политички партии во Македонија и се надева дека набрзо ќе биде надмината актуелната политичка криза до која дојде кога опозицијата го напушти парламентот.

ОМД го поканила претседателот Иванов да присуствува на годишната конференција на дијаспората што треба да се одржи во јуни во Вашингтон.

XS
SM
MD
LG