Македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервју за Гласот на Америка на македонски наведува дека од американска страна добил уверување дека Македонија заслужува да биде членка на НАТО. Вели - Парламентот е местото за решавање на политичките разлики. Коментира - бојкотот отсекогаш завршувал со седнување на маса и разговори.
Шефот на македонската држава на Молитвениот појадок се сретнал со американскиот потпретседател Џо Бајден, а како што вели, седел до најблиската маса до претседателот Барак Обама со кого си отпоздравиле. За Ѓорге Иванов, Појадокот е традиција која ја симболизира моќта на американското општество – различни политички опции и религиски убедувања на едно место, на молитва за доброто на сите луѓе.
Oд американска страна добил уверување дека Македонија заслужува да биде членка на НАТО.
“Во сите разговори беше потенцирано дека Македонија заслужува да биде во НАТО, затоа што се` што беше побарано од Македoнија, успешно ги заврши сите реформи“, вели Иванов.
Запрашан дали средбата со вишиот функционер во Стејт департментот Томас Кантримен, а не со државната секратарка Хилари Клинтон, или пак со првите лица на Белата куќа може да се толкува како заладување на американско-македонските односи, Иванов со став
„Затоа што ова е Молитвен појадок и целата администрација е преокупирана со актуелните настани што се случуваат во Африка, пред се` во Египет, така што и не беше планирана да се оствари средба“.
Со Кантримен разговарал за сите состојби во регионот, но и за актуелните настани во Македонија. Претседателот вели дека ги следи состојбите во Парламентот и најави дека кога ќе се врати во Македонија, ќе свика средба со претседателот на Собранието и сите лидери на политичките партии претставени во Собранието, затоа што, како што коментира, бојкотите и во минатото завршувале со седнување на маса и разговарање за тоа како да се најде решение.
„Секоја партија сама си ги носи одлуките и одговорностите за своите постапки. Меѓутоа, добро е да се разговара, да се води дијалог и да се најде решение за проблемите кои се причина за таквата постапка“, коментира Иванов.
За разликите околу името, макеоднскиот претседател вели дека „на сите средби било потенцирано тоа прашање. Секаде бил истакнат ставот дека тоа е пред се` процес во рамки на ОН и оти тој процес треба таму и да заврши; дека го поддржуваат Нимиц и нашиот претставник во тој процес; и, оти таму ни е потребна eдна динамика.“
Погледнете го интегралното интервју: