Градоначалникот на Ерусалим Нир Баркат понеделникот поднесе барање до надлежните власти да го одобрат планот за новоградба во источен Ерусалим, со што истовремено би се урнале 20 палестински домови. Израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху во март вршеше притисок врз Баркат да го одложи проектот, изразувајќи загриженост за меѓународниот имиџ на Израел.
Палестинските лидери го опишаа проектот како уште еден обид на Израел да го зацврсти своето полагање на право врз целиот Ерусалим. Израел го анексираше источен Ерусалим по војната со Јордан во 1967-ма.
Израелски официјални лица тврдат дека проектот има цел да ја унапреди областа околу Кралската градина, што е дел областа Силван, како и дека предвидува уривање на домови што се дивоградби. Палестинците, пак, спорат дека тешко добиваат градежна дозвола од израелските власти.
Израелскиот владин кабинет неделата одобри мерки за олеснување на копнената блокада на Газа, ветувајќи проток на практично сите неармиски артикли на палестинска територија. Владата најави и дека ќе подготви нова листа на забранети артикли.
И Палестинската управа, и Хамас го отфрлија потегот и велат дека блокадата мора целосно да биде отстранета.
Во Вашингтон, претставници на Белата куќа ја поздравија израелската одлука, велејќи дека значително ќе ги подобри условите за Палестинците, додека истовремено ќе спречи проток на оружје.
Портпаролот Роберт Гибс најави дека претседателот Барак Обама ќе се сретне со Нетанјаху во Вашингтон на 6-ти јули, а со кралот Абдула од Саудиска Арабија на 29-ти јуни.