Најмалку 30 држави ветија да го поддржат Ирак во борбата против милитантите на Исламската држава „со сите неопходни средства“, вклучувајќи и армиска помош.
Во изјавата по денешната конференција во Париз, посветена на кризата, дипломатите наведуваат дека помошта треба да е во согласност со „потребите што ги изразиле ирачките власти, со меѓународното право и без загрозување на цивилната безбедност“.
На конференцијата учествуваа претставници на 30 земји, на ОН, Европската унија и Арапската лига. Ова е најнов чекор во градењето на коалиција против Исламската држава којашто зазеде големи области во северен и западен Ирак, како и во источна Сирија.
Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека не може да се губи време во борбата против милитантите на Исламската држава.
Конфeренцијата уследи по блискоисточната турнеја на американскиот државен секретар Џон Кери за поддршка на планот на претседателот Барак Обама за справување со милитантите. Кери рече дека се` поголем број на држави се подготвени да се приклучат на борбата, како и дека неколку арапски земји меѓу нив се подготвени да дадат армиска помош и да извршат воздушни напади, доколку е потребно.
Иран не беше поканет на конференцијата. САД денес ја исклучија можноста за армиска координација со Иран против Исламската држава во Ирак, но најавија дека се отворени за разговори во иднина. Иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Каменеи, пак, кажа дека американскиот амбасадор во Ирак побарал иранска соработка, но дека барањето било одбиено затоа што САД имаат, како што рече, „валкани раце“.