Линкови за пристапност

Преговорите со Иран продолжени до јуни


Државниот секретар на САД кажа дека преговарачите се поблиску до договор што целиот свет ќе го направи побезбеден

Меѓународните сили и Иран ги продолжија разговорите за сеопфатен договор во врска со иранската нуклеарна програма, поставувајќи нов рок во следната година.

Американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека е постигнат напредок по некои од главните прашања и оти дипломатите се поблизу до постигнување договор што ќе го направи светот побезбеден.

Тој ова го кажа во понеделник во Виена, на последниот ден рокот што групата П5 + 1 (САД, Британија, Франција, Русија Кина + Германија) со Иран сами си го зададоа за постигнување договор што ќе гарантира дека нуклеарната програма на Иран е за мирољубиви цели.

Иранскиот претседател Хасан Рухани, кого го цитираше државната агенција ИРНА, изјави дека Иран ќе излезе победник по преговорите кои, како што рече, ќе продолжат се` додека не се најде конечно решение.

Кери го пофали Иран за исполнување на својот дел од привремениот договор и го запрел напредувањето на нуклеарната програма, и дури и забавил некои аспекти од процесот за прв пат во последнава деценија.

Тој предупреди дека меѓународните сили „нема бесконечно да седат на преговарачка маса без видлив напредок“, но додаде дека сега не е време да се прекинат разговорите. Кери ја подвлече комплексноста на техничките прашања и потребата секаков конечен договор да биде граден врз основа на верификување, а не врз доверба. Тој рече дека светот не сака „било каков договор, туку вистински договор“.

Кери истакна дека преговарачите ќе работат кон постигнување политичка рамка до 1-ви март. Конечниот рок за постигнување содржаен договор е 1-ви јули, 2015-та.

XS
SM
MD
LG