Светските сили – петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН плус Германија, вршат притисок врз Иран за итен пристап до локациите каде се наоѓа контроверзната нуклеарна програма.
Разговорите меѓу членките од меѓународната заедница и Иран треба да се одржат кон средината на мај. Светските сили бараат пристап до евентуалните армиски капацитети на конкретни локации. Во заедничко соопштение од шесте земји, се вели дека по неодамнешната средба во Виена, Иран мора да преземе конкретни чекори за решавање на проблемот.
Западот се сомнева дека властите во Техеран развиваат нуклеарно оружје под плаштот на програма за нуклеарна енергија за цивилни потреби. Иран ги негира обвинувањата.
Меѓународната агенција за атомска енергија неколку пати побара од Иран пристап до армискиот комплекс Парчин во близина на Техеран со цел да ги истражат наводите дека на локацијата се врши нуклеарно истражување за армиски потреби.
Иран и шесте светски сили ги продолжија разговорите за проблемот со иранската нукеларна програма минатиот месец во Истанбул по повеќе од една година застој. Следната рунда преговори ќе се одржи во Багдад на 23-ти мај.