Лицата од Центарот, кои ги интервјуираат преживеаните од холокаустот, минуваат посебна обука како да поставуваат прашања. Повеќето од жртвите на нацистичкото зло се`до ден-денес никому не ја раскажале својата приказна.
„Тоа се луѓе кои или го преживеале холокаустот, или пак ги ослободиле преживеаните. Го префлиме материјалот од ВХС-касети на ДВД. Користиме најдобра програма за дигитална технологија во светот“, вели Дана Клајн, почесен конзул на Република Македонија во Форт Лодердејл, која има еврејско потекло и волонтира во Центарот.
Бројни режисери, како Стивен Спилберг, на пример, драматурзи, продуценти, токму во Форт Лодердејл правеле истражувања за своите филмови.
Приказната ја раскажуваат факсмили од светски весници и писма од холокаусот - сведоштва за судбини со трагичен крај.
За отворањето на првиот Меморијален центар на холокаустот на Балканот во Скопје, почесната конзулка на Македонија во Флорида, Дана Клајн вели: „Како почесен конзул, горда сум да ја претставувам Македонија. Како Американка, целосно го поддржувам ваквиот потег, а како Еврејка, сметам дека нема подобар начин некој да те разбере дека холокаустот не е само еврејско прашање туку глобална тема за почитување на човековите права на сите, да живеат во мир и хармонија“, вели Клајн.
Розита Кенингсберг е потпретседателка на Документациониот и образовен центар за холокаустот во Форт Лодердејл. За Гласот на Америка коментира на истата тема: „Феноменално. Македонија дека заслужува голема почит, затоа што сфатила дека историјата на холокаустот е за сите. Нешто што се случило на една група луѓе, може да се случи на друга. Ти благодарам, Македонијо!“
Во библиотеката во рамки на Центарот ќе се најде и копија од документарниот филм „Сродни души“ на македонската режисерка Марија Макеска, која ги екранизира последните моменти од депортацијата на Евреите од Македонија во логорот Треблинка.