Линкови за пристапност

Хелсиншкиот комитет реагира поради ширењето на омраза кон ЛГБТ лицата

  • Синиша Станковиќ
  • известувач Скопје

Хелсиншкиот комитет реагира поради ширењето на омраза кон ЛГБТ лицата

ХКМ наведува дека и претходно имало обиди верските заедници, „во синергија со јавните настапи и акции на Владата на Македонија, своите иницијативи да ги насочуваат кон стигматизација на останатите во општеството

„Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија остро го осудува обидот на верските заедници за наметнување на сопственото верување и начин на живот на сите граѓани на Република Македонија“, се вели во вчерашното соопштение на оваа организација, по повод одлуката на Меѓурелигискиот совет, составен од поглаварите на верските заедници - за иницирање промени на Уставот, за бракот и уставно да се афирмира и дефинира како заедница меѓу маж и жена и да се оневозможи децата без родители да бидат посвојувани од лица од ист пол или од самохран родител.

Според ХКМ, Македонија уставно е дефинирана како секуларна држава, а еден од основните принципи во концептот на недискриминација е - никој со своето право да не го повреди правото на другиот. Затоа, Комитетот децидно го изразува своето очекување дека верските заедници ќе си го препознаат своето место во општеството, како и дека државата соодветно ќе реагира на обидот за повреда на Уставот и ќе го осуди. ХКМ смета дека иницијативата на верските лидери е „непримерен акт на грубо прекршување на секуларниот карактер на државата“ и „истовремено е и акт против демократијата, плурализмот, принципот на заштита на човековите права, кој води кон бескрупулозно ширење на нетрпеливоста, говорот на омраза и поттикнување на насилство, неспоиви со мисијата на ширење на љубов и разбирање, проповедана од овие заедници“.

ХКМ наведува дека и претходно имало обиди верските заедници, „во синергија со јавните настапи и акции на Владата на Македонија, своите иницијативи да ги насочуваат кон стигматизација на останатите во општеството, особено во дискриминација и поттикнување на насилството од различен вид кон ЛГБТ граѓаните, поради нивната сексуална ориентација“.

Поглаварите на МПЦ, Исламската верска заедница, Католичката црква, Евангелско-методистичка црква и на Еврејската заедница по заедничката средба во вторникот, соопштија дека ќе иницираат промена на членот 40 од Уставот. Според поглаварот на МПЦ, Архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан, „семејството, мајчинството, татковството и грижата за децата претставуваат највисока морална обврска. Бракот, како заедница на еден маж и една жена, соочен е со предизвиците за негово редефинирање, спротивно на Божјите, односно природните закони. Ние сметаме дека е потребно бракот како институција да биде афирмиран и уставно дефиниран како заедница на еден маж и една жена“. Според предлогот на верските поглавари, треба и законски да се определи дека единствено таква брачна заедница и самохран родител ќе можат да посвојат дете без родител. Верските лидери побараа поддршка и од граѓаните и од пратениците, за афирмација на семејните вредности, кои, според нив, „заеднички со векови ги споделуваме“.

На медиумските шпекулации дека власта ги злоупотребува верските заедници како брана пред обвинувањата од Брисел за непостоење на полиберален став за проблемите на хомосексуалците, според г.г. Стефан, верските челници не се плашат од евентуални реакции. „зашто Македонија си има свој Устав, а црквите и верските заедници свое учење. Традиционалното и правилното гледање на бракот не треба никого да го плаши“.

Иако одделни експерти и дел од опозиционите претставици веднаш реафираа дека за секој обид на менување на Уставот е неопходна подготовка и широк консензус на политичките субјекти, верските лидери на МПЦ, ИВЗ, Католичката, Еврејската и Евангелистичко-методистичката црква имаа прием и кај претседателот Ѓорге Иванов, каде наводно, исто така станало збор за измени на членот 40 од Уставот на Македонија.

XS
SM
MD
LG