Американски научници развиле начин за тестирање на плунката, а тоа може да ја одреди возраста со точност од пет години, помалку или повеќе. Научниците велат дека тестирањето е досега со најголема точност и може да предвиди возраст и да се користи во областа на криминалистиката. Но, истовремено може да има улога во развојот на лична медицина.
Ерик Вилејн е професор по генетика при Универзитетот Калифорнија во Лос Анџелес. Тој вели дека истражувачите почнале да го проучуваат составот на плунката во време кога истражувале хемиски разлики во генетскиот материјал на идентични машки близнаци, но со различна сексуална ориентација. Во истражувањето биле вклучени 34 пара од машки близнаци на возраст од 21 до 55 години.
Вилејн, кој го предводел истражувањето, вели дека научниците не забележале никакви хемиски промени во ДНК-та на секој пар близнаци. Но, истражувачите откриле различна шема на метилација, таканаречена „епигенетска промена“ предизвикана од влијанието од животната средина како пушење цигари и диета, и тоа меѓу различните парови на близнаци на различна возраст.
Анализата од примероците на плунка на група од 31 маж и 29 жени на возраст од 18 до 70 години, дала различен степен на метилација на неколку делови од геномот, базирано врз возраста. Многу од генетските локации се поврзани со нарушувања поврзани со возраста, вклучувајќи срцеви заболувања и невролошки болести.
Вилејн вели дека профилот со метилацијата може да се користи во помошта на определување на биолошката возраст на личност, која може да се биде засегната од пасивно пушење или изложеност на алкохол.
Тој вели дека младите поединци може да имаат постари епигенетски профили, со што спаѓаат во графата под голем ризик за одредени болести:
„Американското општество за рак вели дека превентивен ренген за рак на дебелото црево треба да почне да се практикува на 50 годишна возраст со колоноскопија. Но, некои луѓе може да имаат корист од првата колоноскопија на возраст од 40 или 45 години, а некои нема да имаат потреба на возраст од 60 и 65 години“, вели тој.
Вилејн вели дека е заинтересиран да види дали биолошката возраст на лицето, измерено со профилот на метилација се менува - ако тоа лице применува поздрав начин на исхрана и животен стил.
Неодамнешно истражување кое го опиша тестирањето со плунката за определување на возраста е објавено во журналот PLoS One.