На поранешниот конгресмен Тони Хал, Македонија не му е туѓа – неколку пати годишно ја посетува поради ќерката која живее во Струмица. Овој долгогодишен законодавец, но и амбасадор во Агенциите за храна и земјоделство на ОН, со кого разговаравме на маргините на концертот на Владимир Четкар во Амбасадата на Македонија во Вашингтон, се надева на решение во спорот со името меѓу Македонија и Грција.
„Тешко е. Ја разбирам позицијата на Македонија и заслужува да биде слушната. Се надевам дека Македонија и Грција ќе се договорат и оти САД ќе им помогнат. Мора да се најде решение“, вели поранешниот конгресмен.
САД во секој момент може да играат клучна улога во преговарачкиот процес, смета Хал.
„САД отсекогаш биле пријател на Македонија и го покажале тоа, како што се пријател и со Грција. Мислам дека САД се природен сојузник на обете земји“, вели тој.
За актуелните политички настани во САД и неодамнешната победа на конгресни избори на републиканците, поранешниот конгресмен и амбасадор очекува натпартиска соработка за доброто на сите граѓани на САД.
„Јас сум демократ. Треба да бидеме внимателни како ја водиме политиката и кон граѓаните кои ја загубиле работата. Економијата и буџетскиот дефицит се можне битни. Тоа мора да го средиме. Јас доаѓам од Охајо. Ние загубивме 400.000 работни места. Отворањето работни места е приоритет. Се` што е потребно за луѓето да се вратат на работа – јас сум за“!