Линкови за пристапност

Во Конектикат построг закон за оружјето


Мерката е реакција на масакрот во Њутаун декември минатата година.

Гувернерот на Конектикат Данел Малој потпиша нов закон што содржи едни од најстрогите ограничувања за сопственоста на огненото оружје во САД, четири месеци по масакрот во основно училиште во оваа сојузна држава.

Малој, кој е демократ, го одобри законот само неколку часа откако тоа го сторија пратениците во Генералното собрание на Конектикат. Законот додаде преку 100 видови на оружје на листата забранети офанзивни средства, ја ограничи дозволената муниција во шаржерите на само 10 куршуми, воведе задолжителна безбедносна проверка на лицата кои сакаат да купат оружје, а се бави и со менталното здравје и безбедноста на училиштата.

Законот беше предложен како одговор на трагедијата во училиште во местото Њутаун во декемри минатата година, каде младо вооружено лице уби 20 деца и шестмина членови на персоналот. Ова е само еден во серијата инциденти со огнено оружје во САД последниве неколку години, што повторно ја разгори дебатата за контрола врз оружјето. По трагедијата во Њутаун, и сојузните држави Њујорк и Колорадо воведоа построги мерки за оружјето.

Па сепак, обидите истото да се стори на национално ниво во Конгесот наидоа на силно противење на Националното здружение за огнено оружје, моќна лоби-организација која тврди дека таквата мерка би го прекршила уставно загарантираното право на поседување на оружје.
XS
SM
MD
LG