Линкови за пристапност

Средбата Заев - Груевски заврши без резултат


Камен на сопнување барањето за формирање на техничка влада

Средбата меѓу премиерот Никола Груевски и опозицискиот водач Зоран Заев заврши без успех и без јасни индикации дали дијалогот ќе продолжи за да се надмине политичката криза во Македонија.

Според Груевски, разговорот што се одржал во Клубот на новинарите течел конструктивно се` до моментот кога Заев побарал формирање на техничка влада.

„Разговорите поминаа во коректна атмосфера и се` течеше добро, но некаде на крајот на разговорите господинот Заев побара техничка влада. Тоа е нешто што ние не можеме да го прифатиме, бидејќи сега скоро формиравме влада. Мене ми личи дека некој го посоветувал ова да го бара, формирањето на техничка влада“, изјави Груевски и одби да одговори од кого дошол таквиот совет.

Премиерот не одговори ниту на прашањето дали е можно да седнат на маса и да продолжат. Според него, не може да се оцени каква би била иднината на преговорите.

Заев, пак, коментираше дека Груевски не сака да разговара за техничка влада, а тоа е, како што рече, најважното прашање за СДСМ.

„Ако не се исполни ова барање, нема разговори за други прашања“, изјави Заев.

Водачот на СДСМ додаде дека дошол на преговорите за да се види дека не води инает, а знаел дека Груевски нема да биде конструктивен.
XS
SM
MD
LG