Линкови за пристапност

Поддршка за интеграциите и името, најава за нови инвестиции


Поддршка за интеграциите и името, најава за нови инвестиции
Поддршка за интеграциите и името, најава за нови инвестиции

Турскиот премиер Ердоган на почетокот на дводневната посета предвиде дека Македонија ќе стане членка на ЕУ пред Турција

Турција нема разбирање и го смета за неправеден грчкиот став - Македонија да не го користи уставното име. Природно е Македонија да го користи името под кое стана независна држава - оваа порака на македонските власти во Скопје од Анкара им ја донесе турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, кој денеска пристигна во дводневна посета на Македонија.

„Немаме разбирање за никаква додавка како горна, долна, северна. Живееме во глобален свет во кој треба да преовладува мирот и разбирањето“, рече Ердоган, по средбата со премиерот Никола Груевски. Тој ја истакна поддршката на Турција за членството на Македонија во НАТО, додавајќи дека Турција ја поддржувала Македонија и на самитот во Букурешт, каде зачленувањето изостана поради грчкото вето.

Во однос на членството во ЕУ, прогнозите на турскиот премиер се дека Македонија ќе стане дел од европското семејство побрзо од Турција.

„Македонија, без сомнеж, ќе стане членка на ЕУ пред Турција. Вие толку брзо напредувате, што ние уште од сега велиме `аирлија` за вас“, рече Ердоган.

Премиерот Груевски акцентот го стави на економската соработка меѓу двете земји.

„Македонија и Турција се пријателски земји, доказ за тоа е договорот за стратешко партнерство. Тие ни помагаат за интеграцијата во НАТО, за заштита на идентитетот и името... Треба да се интензивираат и турските инвестиции и да достигнеме размена од 400 милиони долари“, рече Груевски.

За турскиот премиер, пак, прогнозата од над 400 милиони долари турски инвестиции во Македонија е се` уште мала бројка и најави нејзино зголемување.

Груевски и Ердоган изразија задоволство од третманот на малцинствата во обете земји. Турскиот премиер побара реставрација и заштита на османлиските објекти во Македонија и најави дека наскоро ќе се организираат туристички тури на турски државјани.

„Се чувствувам како да сум дома“, рече Ердоган при самото пристигнување на аеродромот Александар Велики во Скопје, со кој управува турската компанија ТАВ како концесионер, алудирајќи на условите што сега ги нуди новата аеродромска зграда.

Во текот на денот Ердоган беше примен од претседателот Ѓорге Иванов со кого разговарале за политичките односи меѓу двете земји, но, уште повеќе, за блиските културни односи меѓу двете земји и контактите меѓу етничките заедници.

Дводневната официјална посета на турскиот премиер завршува утре со бизнис-форум на кој ќе се сретнат стотина турски бизнисмени со нивни македонски колеги.

XS
SM
MD
LG