Грчката полиција се судри со илјадници демонстранти на централниот плоштад Синтагма во Атина кои протестираа против новиот пакет економски мерки.
Полицијата употреби солзавец и постави барикади пред влезот на парламентот, со цел да им овозможи на пратениците да почнат со расправа за новите буџетски кратења.
Демонстрантите се обидоа да формираат жив штит, со цел да ги спречат законодавците да влезат во Парламентот, но полицијата интервенираше.
Штрајкови има во јавниот транспорт, медиумите и државните болници. Контролорите за летање на аеродромите во последен момент одлучија да не учествуваат во протестите.
Претставници на Европската унија наведуваат дека грчките политичари мора да се согласат на подлабоки кратења и зголемување на даноците доколку Грција сака да добие уште еден економски пакет помош. Но, голем дел од Грците се гневни дека од нив повторно се бара да направат дополнителни жртвувања.
Минатогодишниот пакет од 160 милијарди долари од ЕУ и Меѓународниот монетарен фонд не помогна многу во извлекувањето на Грција од преголемата задолженост.
Кредитниот рејтинг на Грција од Б паднал на ЦЦЦ, со што таа е на самото дно на листата на кредитната агенција Стандард енд Пурс.