Со тоа што Македонија поднела апликација за членство во НАТО под уставното име, таа е страната која ја прекршила Времената спогодба. Вака Грција денеска во Меѓународниот суд на правдата во Хаг ја започна својата аргументација во спорот што го покренаа македонските власти, со цел да докажт дека со грчкото вето на Самитот на НАТО во Букурешт, Атина ја прекршила Времената спогодба од 1995 година.
„Со фактот што поднела апликација под уставното име, наспроти своите обврски да не го употребува, со тоа се исполнети условите за наше приговарање. Без разлика дали е самит на НАТО, Грција делуваше како земја-член на Алијансата и законски обврзана да каже дали критериумите на НАТО, вклучително критериумите за добрососедски односи, се исполнети“, рече правниот советник во МНР на Грција Марија Телалијан, која го предводи грчкиот тим во Хаг.
Таа и Алан Пеле, професорот од Парискиот универзитет, кој е исто така дел од грчкиот тим, ја оспорија надлежноста на Судот во Хаг за одлуката на Алијансата, бидејќи, како што рекоа, тоа е акт на НАТО, а не на Грција.
За спорот со името, грчката страна смета дека е виновна Македонија поради „непопустливиот став, користењето на тактики да се одолговлече решението и да се наметне забранетото име, а притоа единствени отстапки се двојната формула, употреба на уставното име во меѓународните организации, а договореното име во билатералните односи“. За ова тие се повикаа на изјавите на тогашниот претседател Бранко Црвенковски за двојната формула, која ја сметале како позиција која што ги забавува преговорите.
Грчкиот амбасадор Јоргос Саваидес во своето излагање го кажа она што грчката страна го смета за клучен доказ против овој спор, а тоа е дека во Букурешт не било ставено грчко вето, туку сите земји-членки на Алијансата гласале за одлуката - решавање на спорот за името да стане критериум за членство на земјата во НАТО.
Македонскиот тим правници, кои во понеделникот и вторникот ги презентираа своите аргументи, истакнаа дека Грција ја прекрши Времената спогодба од 1995-та и дека нејзините контрааргументи со кои го негира тоа се неосновани. Затоа, истакнаа, Судот треба да донесе пресуда со која ќе го потврди тоа и ќе и` наложи на Грција веднаш да ги преземе сите потребни чекори за почитување на обврските од членот 11, односно да не ја попречува апликацијата на Македонија за членство во НАТО откако ќе биде обновена. Во воведното обраќање на усната расправа министерот за надворешн работи и застапник на Македонија пред Меѓународниот суд на правдата, Антонио Милошоски, истакна дека случајот е едноставен и јасен оти договорите мора да се почитуваат.
Грција утре ќе заврши со својата аргументација пред Судот во Хаг. Втората фаза од усната расправа ќе се одржи на 28-ми март, кога тимот што ќе ја претставува Македонија ќе има можност да одговори усно на одбраната на Грција, а јавната расправа ќе биде заокружена на 30-ти март со завршниот збор на грчката страна.
Судот ќе одлучува по жалбата по завршувањето на усното соочување, односно по 30-ти март, а пресудата се очекува да биде донесена пред или по летните одмори, а најдоцна наесен. Пресудите на Меѓународниот суд на правдата се конечни и обврзувачки за земјите-членки на ОН, односно за страните во спорот.
Македонија ја поднесе жалбата пред Меѓународниот суд на правдата против Грција во ноември 2008-ма година.