Линкови за пристапност

Битолчанец во Чикаго


Салонот Горан Кобан - меѓу најдобрите 10 во Чикаго
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:15 0:00

Салонот Горан Кобан - меѓу најдобрите 10 во Чикаго

Разговор со фризерот Горан Чобановски чиј фризерски салон, според магазинот „Чикаго соушал“, е меѓу десетте најдобри во градот

Чикаго е во специфична местоположба, гледано од моден аспект. Меѓу Њујорк и Лос Анџелес и од двата влече по нешто, но е свој. Градот има своја душа, а за фризерската уметност прашајте го битолчанецот Горан Чобановски, којшто тука има два фризерски дуќани со 15-тина вработени во строгиот центар на метрополата.

Вели, ја третира косата како уметнички медиум. Претпочита индивидуални стилови, а не слепо следење на модните трендови. Ја застапува тезата дека секој има свој стил.

„Инспирацијата доаѓа од насекаде. Секој ден кога станувам наутро и излегувам на улица, можам да забележам некој човек којшто ми оставил силен впечаток; инспирацијата ми доаѓа од цвеќето на вазната во мојот дом, архитектурата на зградите. Инспирација е насекаде. Треба само да ги отвориме очите“, коментира овој млад стилист.

Критичен е кон новите производи затоа што, како што вели, премногу ја оштетуваат косата ако содржат амонијак. Тврди дека не е мотивиран од профитот кога ги користи поскапите органски бои што помалку го оштетуваат влакното.

Не учествува на натпревари за правење фризура. Напротив - ги избегнува. Објаснува - никој нема право да суди за нечиј изглед: „Мислам дека секој треба да има свој изглед. Изглед, којшто ти дава самодоверба, којшто прави да се чувствуваш секси“.

Фризерката Александра Зурели е од Охајо. Веќе една година работи во салонот Кобан.

„Нашиот салон е уникатен. Ова е мошне креативен простор. Доаѓаат од сите возрасти: и пензионери, бизнисмени, млади... Муштериите не` ценат дека не дискриминираме, не` ги креваме цените често, достапни сме за сите, со разни стилови“, вели Зурели.

Магазинот „Чикаго соушал“, што се занимава со животот во Чикаго, го вброи дуќанот Кобан меѓу 10-те најдобри фризерски салони во метрополата. Чобановски се чувствува почестен. Сака да биде подобар како фризер, но пред се` како човек кон муштериите коишто со години доаѓаат кај него.

XS
SM
MD
LG