Инспирирани од тукушто завршениот Прв глобален форум на дијаспората со кој претседаваше американската државната секретарка Хилари Клинтон, иселеничките организации на земјите од Југоисточна Европа во Вашингтон дебатираа за нивната улога во развојот на регионот. Дебатата во Фондацијата Херитиџ ја организираше Обединетата Македонска дијаспора (ОМД).
Да се зајакне добрата претстава за регионот што излезе од турбулентен период; демократијата во САД да се пренесе во татковината; да се лобира во Конгресот за да се чуе гласот на дијаспората меѓу законодавците, беа предлозите на амбасадорите од Македонија, Албанија, Хрватска, Босна и Херцеговина на средбата со претставниците на коалиција на дијаспори од Југоисточна Европа.
Гулар Кукнар, потпретседателка на Турската коалиција за Америка ја истакна соработката со Обединетата македонска дијаспора.
„Мојата организација ја идентификуваше македонската дијаспора како сестринска и сакавме да помогнеме на ОМД да почне со работа. Обезбедивме 3-годишен грант, со по 50.000 долари годишно“, вели Кукнар.
Претседателот на ОМД Мето Колоски ја поздрави одлуката - за првпат на избори во Македонија да гласа дијаспората.
„Нашата организација нема да се вклучува активно да предлага и поддржува кандидати. Но, сакаме да имаме отворена платформа за сите; да се запознаат со нашите членови, но и нашето членство со нив“, изјави Колоски.
Важно е претставниците на дијаспората од разните етнички групи да бидат активни во Конгресот, смета Џо Фоли, директорот за односи со јавност во Националната федерација на Хрватите во САД.
„Тоа е уште еден начин, оние кои носат олуки да добијат информации, и, најчесто, тие информации не се цензурирани. Групите на дијаспората треба да разберат дека емотивноста на прашањата е битна, но дека треба да се соопштат соодветно, за да добиете солидна реакција кај оние кои носат одлуки во Вашингтон“, вели Фоли.