Американската конгресменка Габриел Гифордс беше централна фигура на комеморацијата на Универитетот во Тусон, сојузната држава Аризона, со која се одбележа една година од нападот во кој вооружено лице уби шест лица, а таа беше сериозно повредена во главата.
Сопругот и поранешен астронаут Марк Кели и` помогна на Гифордс да ја подигне десната рака додека таа ја рецитираше Заклетвата до знамето и нацијата и да запали свеќи за убиените и повредените во нападот.
Меѓу загинатите во нападот пред супермаркет каде Гифордс одржуваше средба со гласачи се и федерален судија, членови на кабинетот на Гифордс и деветгодишно девојче. Покрај Гифордс, беа повредени десетина други. Обвинетиот Џаред Лофнер се изјасни како невин. Тој наводно има шизофренија.
41-годишната демократска конгресменка неверојатно брзо се опорави од нападот по интензивна рехабилитација, а веќе во август минатата година се врати во Конгресот за да гласа по предлог-законот за владиното задолжување.