Линкови за пристапност

Обид за поттик на реформите


Дијалог на високо политичко ниво со Европската комисија.

Утре во Скопје ќе се одржи првата рудна од долгонајавуваниот дијалог на високо политичко ниво меѓу Македонија и Европската комисија. Делегациите ги предводат премиерот Никола Груевски и комесарот за проширување Штефан Филе.

Пред доаѓањето во Скопје, Филе имаше обраќање во Европскиот парламент, каде кажа дека не станува збор за замена на вистинските преговори, туку дека дијалогот ќе ја охрабри агендата за реформи во Македонија со постигнување на јасен договор за реформите во клучните области како владеењето на правото, слободата на говорот, реформата на јавната администрација и функционалната пазарна економија.

Претставници на Европската комисија денес појаснија дека целта на дијалогот е да се утврди акционен план со конкретни мерки, за да се подобри соостојбата во областите опфатени со дијалогот.

Филе исто така нагласи дека е потребно решение на спорот околу името, бидејќи за почетокот на преговори е потребен консензус во Советот на министрите.

„Помагаме во создавањето на клима соодветна за компромис и ги охрабруваме земјите тоа да го постигнат. За посуштинско ангажирање на Европската унија потребни се јасни барања од двете страни. Како што во повеќе наврати имам укажано, тоа е политичката реалност – решението на спорот за името во голема мера ќе помогне во понатамошниот напредок во евроинтеграциите“, рече Филе.

Европскиот парламент со 582 гласови „за“ и 70 „против“ попладнево ја усвои резолуцијата за напредокот на Македонија во 2011-та година. Во неа, европратениците уште еднаш бараат почеток на преговорите за пристап во ЕУ.

Известувачот за Македонија во Европскиот парлемент Ричард Ховит ја поздрави резолуцијата, нагласувајќи дека утрешниот дијалог не е замена за преговори за членство.

„Го поддржувам повикот за почеток на европските пристапни преговори без одложување, како што е одредено во параграф еден, пасус еден во Резолуцијата. Затоа предлагам амандман со кој се поддржува пристапниот дијалог на високо ниво кој треба да почне утре, што не претставува алтернатива за разговорите, туку е можност која не смее да биде пропуштена“, изјави Ховит.

Коментирајќи ја резолуцијата, претседавачот со Советот на министрите, шефот на данската дипломатија Никол Вајма, изјави дека Македонија ги исполнува условите за почеток на преговорите за членство во ЕУ, но потести дека останува нерешениот проблем со името како единствената пречка за почеток на преговорите. Според него, една земја која сака да стане членка на ЕУ мора да има добар дијалог со соседите, а проблемот со името е билатерален и треба да биде решен на прифатлив начин за двете страни.

XS
SM
MD
LG