Кога била на возраст од девет години, Рајли Густафсон јадела спанаќ загаден со бактерија Е-коли. Таа била една од најтешко заболените од околу 200 луѓе во 26 сојузни држави за време на епидемијата во 2006-та.
Првичните симптоми биле грчеви и дијареа, но состојбата се влошила. Почнала да крвари и била исплашена зашто не знаела што се случува со неа, вели таа.
Рајли толку многу се разболела што нејзините бубрези откажале и дошла во ситуација да и` биде потребна трансплантација.
Вакви случаи не се ретки во САД. Неодамна имаше масовни труења со јајца, путер од кикирики и друга храна. Често погодени се илјадници луѓе во повеќе сојузни држави.
Новиот закон треба да спречи пандемија од заболувања со храна, вели директорот на кампањата за здрава храна, Сандра Ескин од Pew Charitable Trusts. Таа вели дека се работи за голема промена, зашто владата добива поголеми ингеренции во контролата на овој сектор.
Во меѓувреме бројот на продавници од каде купувачите може да се снабдат со продукти од мали, локални фарми, се зголеми за речиси два пати во изминатата деценија. Сега има повеќе од 6.000 такви продавници.
Моника Блаумулер живее во близина на една таква продавница во Вашингтон. Таа вели:
„Имам доверба во таа храна. Знам дека се одгледува во мали количества. Тоа е побезбедно“.
Експертите не се согласуваат. Тие велат дека локално одгледувана храна ги носи истите ризици, иако помалку луѓе би биле погодени ако се појави проблем, споредено со број на случаи од фабрички произведена храна.
Малите фармери се загрижени дека новата регулатива неповолно ќе се одрази врз нивниот опстанок.
Сузан Пролман, извршен директор од Националната коалиција за одржливо земјоделство вели:
„Принципот – со еден аршин за сите – може да значи затворање на бизнисот за многу мали фарми кои ќе бидат обесхрабрени во производството на локална, здрава и свежа храна за муштериите“, додава таа.
Од друга страна, пак, адвокатот на асоцијацијата за маркетинг Том О`Брајен , вели дека не треба да се прави разлика меѓу малите и големи производители. Истите правила треба да важат за сите:
„Се создава претстава дека има два одделни пазари за храна, еден од големите компании и еден од малите фарми. Но, на крајот од денот, се работи за еден интегриран пазар“, истакнува О`Брајен.
Тој ова го поткрепува и со фактот што се зголемува цифрата на синџири од големи супермаркети и ресторани кои купуваат локално одгледувани продукти. „Ќе биде се` потешко муштериите да знаат дали продуктите кои ги купуваат се заштитени и безбедни“.
Сепак, повеќето поборници за поголема заштита на храната велат дека новиот закон, ако ништо друго, ќе го намали бројот на Американци како Рајли Густафсон, која се разболе од заразена храна.