Линкови за пристапност

Во 2011 се очекува поскапување на храната


Во 2011 се очекува поскапување на храната
Во 2011 се очекува поскапување на храната

Цената на енергијата и натаму е висока и тоа влијае на цената на храната.

Во 2008-ма избија немири во најмалку десетина земји заради рекордно високите цени на храната. До 2010-та, тие се намалија, бидејќи поволните климатски услови донесоа добри жетви.

Но, во февруари годинава, директорот на Организацијата за храна и земјоделие на ОН Жак Диуф во изјава за Гласот на Америка предупреди дека опасноста сепак не минала.

„Сите фактори што доведоа до кризата со цената на храната се` уште се тука – се немаат променето“, рече Диуф.

Цената на енергијата и натаму е висока и тоа влијае на цената на храната. Бројот на населението во светот и натаму расте. Од друга страна, сушата во регионот на Црното Море годинава ја намали жетвата на пченица во Русија за една третина.

Москва забрани извоз на пченица што неповолно се одрази на житниот пазар и ја влоши ситуацијата, наведува Шенген Фен, директор на Меѓународниот Институт за прехрамбена политика.

Цената варира од регион во регион, но на глобално ниво минатата година забележан е раст за речиси 50 проценти. За наредната година аналитичарите предвидуваат дури и повисок износ.

„Мислам дека навистина треба да преземеме итна акција. Во спротивно, ви гарантирам дека ќе бидеме сведоци на уште една криза“, вели Фен.

Овој стручњак предлага државите да инвестираат во попродуктивно земјоделство, бидејќи долгорочно, светот ќе мора да нахрани многу повеќе гладни луѓе, со помалку обработлива земја на располагање, вода и други ресурси, во услови на климатските промени.

Краткорочно, пазарот нервозно ја следи сушата во Јужна Африка. Лошата жетва може да резултира во дополнително зголемување на цената на храната.

Стручњаците наведуваат и дека земјоделците на покачувањето одговориле со садење на уште повеќе култури, што, дури и во улови на елементарни катастрофи, може евентуално да помогне. Па сепак, познавачите на ситуацијата очекуваат барем некакво зголемување на цената на храната во наредните неколку месеци.

XS
SM
MD
LG