За новата почесна конзулка на Република Македонија во јужна Флорида, Дана Клајн, можноста за промовирање на земјата во САД била главна причина за извршување на оваа функција во следните четири години.
46-годишната енергична Американка Дана Клајн од Форт Лодердејл е дел од бизнис и маркетинг-заедницата во jужна Флорида, каде работи во секторот за односи со јавност. Планира да ги ангажира македонските Американци и пошироко од сопствената заедница во САД.
„Би сакала да координираме повеќе активности надвор од заедницата и да вклучиме повеќе Македонци во проекти од интерес на локалната заедница“, вели Клајн.
Нема официјална бројка колку Македонци живеат во јужна Флорида и областа околу Форт Лодердејл. Почесната конзулка работи на креирање сопствена база на податоци за нив. Според нејзини проценки, се работи за неколку илјади Македонци кои живеат во овој дел на САД. Била инспирирана од можностите што ги нуди Македонија
„Функцијата претставува можност за културна, економска и едукативна размена, особено во јужна Флорида. Многумина, за жал, не ни чуле за Македонија. Но, тоа од друга страна, е и предност - секогаш кога имам презентација за земјата, во девет од десет случаи, се пројавува интерес за посета на Македонија“, оценува конзулката.
Неодамна организирала промоција на Македонија во овој дел на Флорида: „Тоа беше извонреден приказ на македонската уметност, историја и танци. Станавме своиевиден лидер на ваков вид презентации во јужна Флорида“.
Клајн порачува дека секој иселеник има можност, но и обврска да го шири зборот за Македонија и да помогне се` поголем број луѓе да дознаат за, како што вели, една од најнеоткриените држави во Европа.