Светското фудбалско тело вели дека ја разгледува жалбата од Англија во која се тврди дека ривалот Русија во трката за домаќин на Мундијалот во 2018-та ги прекршил правилата со давање критички коментари за Лондон.
ФИФА соопшти дека се` уште ја разгледува жалбата и оти организациските комитети од двете земји се контактирани.
Организацискиот комитет на Англија потврди дека поднеле официјална жалба за изјавите на првиот човек од рускиот комитет Алексеј Сорокин, обвинувајќи го дека рекол оти Лондон има висока стапка на криминал и растечки проблем со пијанства меѓу младите. Од Сорокин е побарано официјално извинување.
Сорокин одби да се извини и рече дека неговите коментари се лошо преведени и доколку биде побарано, ќе ги објасни неговите оригинални изјави.
Англија и Русија се кандидираат за домаќини Светското првенство во 2018-та и се во конкуренција со заедничката кандидатура на Белгија и Холандија, и Шпанија и Португалија. Гласањето на ФИФА на кое ќе се одлучи за следниот домаќин е закажано за 2-ти декември.