Линкови за пристапност

Фејсбук и среќата


Фејсбук и среќата
Фејсбук и среќата

Кои се вашите пријатели?

Истражувањата направени изминатите неколку години покажаа дека оние кои интензивно ги користат мрежите за дружење на Интернет се со тенденција да не се чувствуваат толку задоволни со себе, колку оние кои претпочитаат да се дружат во реалниот живот. Но, нова академска студија сега сугерира дека средствата што ги пружаат мрежите како Фејсбук може исто така да имаат влијание и на тоа како ја перцепираме - среќата на другите.

Младите корисници на Фејсбук во САД во просек имаат голем број пријатели. Времето што го минуваат на мрежата е значително.

Истражувачите на Универзитетот Јута Вели, во Орем, сојузната држава Јута, сакале да видат дали времето подарено на Фејсбук влијае како корисниците гледаат - не на себе, туку на другите. Запрашале 425 „зависници“ од Фејсбук, дали нивните пријатели водат посреќен живот?

Откриле дека поинволвираните во Фејсбук повеќе веруваат дека другите живеат посреќно. Ова било уште поизразено кај оние кои прифатиле непознати лица на своите Фејсбук страници како пријатели.

Психологот Тод Кашдан од Универзитетот Џорџ Мејсон, кој се бави со прашањата на среќата и благосостојбата, коментира:

„Тие слушаат за сите тие убави работи што им се случуваат на другите и се споредуваат со нив. Заклучокот обично е - мојот живот не е толку интересен како нивниот“.

Тие кои така одговориле, истото чувство го имале и порано, кога биле средношколци. Но, на факултет, станале посвесни за тоа како Фејсбук влијае на нив.

„Оставам импресија дека животот ми е совршен, дека нема ништо лошо, што не е точно. Тоа е како да се работи за некој сосема друг со моето лице“, вели студентката Никол Меј

„Знам дека она што се става на Фејсбук не значи дека е нечиј цел живот. Понекогаш мислам дека луѓето прават лажна слика за да изгледаат подобро отколку што се“, вели нејзиниот колега Марам Мохамед.

Психолозите наведуваат дека Фејсбук и другите мрежи може да бидат добар начин за поврзување со други и со светот, но тоа доаѓа со извесна цена. Нивната препорака е – не минувајте го времето гледајќи на позитивните настани на другите луѓе. Споделете го своето вистинско искуство и согледајте кои ви се вистински пријатели, кој навистина се грижи за тоа што ви се случува, без оглед колкав им е - бројот.

XS
SM
MD
LG