Линкови за пристапност

Дебата за нуклеарната енергија во Европа


По кој енергетски правец ќе појде Стариот континент?

Хаваријата во јапонската нуклеарна централа Фукушима по разорниот земјотрес и цунамито пред една година ја зголеми поделеноста во Европа околу безбедноста и иднината на нуклеарната енергија. Разликите можеби се најизразени меѓу најголемите регионални сили, Франција и Германија.

Кризата во еврозоната ги зајакна врските меѓу Франција и Германија. Но, друга криза - нуклеарниот инцидент во Јапонија - ги подели овие европски сојузници.

Францускиот претседател Никола Саркози е енергичен поддржувач на нуклеарната енергија, вели таа отвора нови работи места и ги намалува трошоците на потрошувачите.

Франција е една од водечките производители на нуклеарна енергија. Речиси три четвртини од нејзината електрична енергија доаѓа од нукеларните постројки. Земјата, исто така, извезува нуклеарна енергија и технологија. Француските компании градат нуклеарни реактори во Британија, а конкурираат и на пазарот во Јужна Африка.

Но, инцидентот од Фукушима причини германските власти да најават затворање на сите нуклеарни реактори до 2022-ра, а не како што претходно се планираше - подоцна и во фази. Одлуката уследи по масовните антинуклеарни протести. Во Франција немаше такви демонстрации.

„Разликата меѓу Германија и Франција е реакцијата на општеството кон нуклеарната енергија. Треба да ја земеме предвид и социјалната состојба во врска со нуклеарната енергија во Германија, што не е многу добра во последните 20 до 25 години. Во Франција, пак, преовладува мислењето дека нуклеарната енергија е од најдобар интерес за земјата“, коментира Луис Ечевари, генералниот директор на Агенцијата за нуклеарна енергија со седиште во Париз, која потпаѓа под Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД.

Тие поделби се видливи насекаде во Европа.

„Неколку држави - Германија, Италија, Белгија и Швајцарија – најавија дека ќе ги затворат своите нуклеарни постројки и нема да градат нови. Во истовреме, многу други држави најавија дека ќе продолжат да ги користат нуклеарните централи и дека ќе градат нови“, вели Ечевари.

Ако ништо друго, хаваријата во Фукушима барем предизвика загриженост во Франција за нуклеарната енергија. Политичарите наидоа на прашањето на средбите со граѓаните во кампањата пред претседателските избори во април.

Главниот ривал на Саркози, кандидатот на Социјалистичката партија Франсоа Холанд, сака да ја намали француската зависност од нуклеарна енергија, но не` оддеднаш.

Јаник Руселе, кој во Гринпис - Франција се бави со нуклеарните прашања, верува дека ова е почеток на крајот: „Има голема промена во јавното мислење. Нема поддршка за итен прекин во производството, но големо мнозинство смета дека мора да дејствуваме - фазно“.

Гринспис го сврте вниманието на јавноста во декември кога изврши упад во две нуклеарни постројки во Франција, за да ја потенцира ранливоста на терористички напади.

„Има различни проблеми за безбедноста во Франција. Апсолутно не сме подготвени. Реакторите не се подготвени. Одговорот е - не сме подготвени“, рече Руселе.

Бертранд Баре, советник во француската нуклеарна компанија Арева, не се согласува:

„Граѓаните во Франција се безбедни. Секако дека при нуклеарни активности, како и при секоја друга, секогаш има пресметан ризик. Нема ништо без ризик“.

Баре смета дека новите тестирања на издржливост на постројките, што ќе ги изврши ЕУ, ќе придонесат реакторите да станат уште побезбедни при катастрофи. Со ваквото тврдење не се согласувааат критичарите на нукеаларна енергија, како Руселе.

Обете страни се поделени и околу тоа колку чини нуклеарната енергија, како околу можноста за целосно потпирање на обновливите извори, како сончевата и енергијата од ветрот.

XS
SM
MD
LG