Линкови за пристапност

Македонија во наредните шест месеци ќе претседава со Советот на Европа


Борбата против корупцијата, ефикасноста на судството, засилена заштита на човековите права и националните малцинства меѓу најавените приоритети

Република Македонија од 11-ти мај стана претседавач на Советот на Европа. Во шестмесечниот мандат, приоритети на македонското претседателство, според најавите, ќе бидат борбата против корупцијата, ефикасноста на судството, засилена заштита на човековите права и на националните малцинства, како и поголемо вклучување на младите во политичките и демократските процеси во Европа.

Премиерот Никола Груевски изјави дека со претседавањето ќе се унапреди имиџот на земјата. Груевски се надева дека Македонија ќе има одлично претседателство, дека ќе остави одличен впечаток и ќе биде пример за сите понатаму кои ќе претседателствуваат со оваа институција.

И за опозиционерите, мандатот во Советот на Европа е добра шанса за афирмацијата на Македонија.

„Јас сум оптимист дека ќе можеме да се претставиме во добро светло. Би сакал да апелирам во сето ова да биде вклучена и опозицијата, затоа што треба да оставиме впечаток дека ова е нешто за што сите се залагаме и нешто во што сите треба да учествуваме“, вели Андреј Жерновски од ЛДП.

Претседавањето со Советот на Европа е можност Македонија да ги промовира своите надворешнополитички цели.

“Ова е можност во рамките на еден мултилатерален план да отвори определени прашања кои се исклучително важни не само за Република Македонија, туку и пошироко. Ова е секако настан од исклучително значење во надворешната политика на Република Македонија“, вели Звонимир Јанкуловски, поранешен амбасадор на Македонија во Советот на Европа.

Шестмесечниот претседавачки мандат Македонија го презема од Швајцарија, а ќе и` го предаде на Турција.

XS
SM
MD
LG