Жестока конкуренција или соработка, тоа е главната дилема меѓу САД и ЕУ. Вака панелистите на настанот во Вашингтон ги оценија актуелните трансатлански економски односи. Беше речено дека е неопходна соработка во сферата на технологијата и иновациите за да се фати чекор со брзиот развој на земјите од Далечниот исток, како и дека на Европа и` е потребна нејзина Силиконска долина и потемелни реформи во информатичката наука.
Говорниците заклучија дека протекционизмот го попречува напредокот и во ЕУ, и во САД.
„Проширувањето на ЕУ е најголем успех во историјата на заедницата и има големи економски продобивки и за старите и за новите членки“, рече Жоао Вале де Алмеида, амбасадор на ЕУ во САД.
Запрашан дали процесот ќе продолжи, Алмедиа одговори – вратата останува отворена:
„Влезот во ЕУ е процес кој имплицира дека државите се подготвени за членство и дека унијата е подготвена да ги прими. Концептот за капацитетот на прием е можне важен. Не сакате да влезете во унијата за да направите потреси во неа и во вашата земја. Мора да има заеднички пристап“, истакна Алмеида.
Првиот човек на Брисел во Вашингтон вели дека исполнувањето на критериумите е услов за членство:
„Пораката до Балканот е јасна. Треба да имате европска перспектива. Ако сакате да станете членка, треба да спроведете одредени реформи. Ве охрабруваме и помагаме, технички и финансиски, и сметаме дека дека тоа е најдобар начин за стабилност и просперитет на Балканот“, рече амбасадорот за време на дискусијата на Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон.