Линкови за пристапност

ЕУ И САД апелираат за смирување на ситуацијата


Инцидентите во Македонија ќе бидат една од темите на дијалогот Скопје - Брисел закажан за четврток.

Европската комисија истапи со официјална реакција за серијата инциденти во Македонија изминативе денови.

„Уверени сме дека политичарите и граѓанскиот сектор внимателно ќе пристапат кон емотивните последици и ќе придонесат за повторно воспоставување на мирот во земјата“, изјави Петер Стано, портпаролот на комесарот за проширување.

Стано соопшти дека ЕК ги поздравува изјавите на македонските политичари и политичките лидери кои ја истакнаа својата приврзаност кон владеењето на правото. Тој нагласи дека комесарот Штефан Филе доаѓа во Скопје во четврток на отворањето на најавениот дијалог на високо ниво, кој, како што објасни Стано, претставува мост кон отворањето на пристапни преговори на Македонија со ЕУ.

На оваа тема денеска на разговор кај американскиот амбасадор во Македонија Пол Волерс беше водачот на владејачката ДУИ, Али Ахмети. По средбата со Волерс, Ахмети ги оцени настаните како кукавички акти и изрази загриженост, апелирајќи сите да сторат се` што е во нивна надлежност за да се подобрат меѓунационалните односи.

„Ја охрабруваме полицијата да си ја врши својата работа и правдата да ги стигне сите што го предизвикуваат мирот и безбедноста во државата. Апелираме приодот кон сите да биде еднаков, а не селективен... Нашите длабоки анализи што ги добиваме од теренот покажуваат дека повеќето од овие инциденти се спонтани и зад нив не стои ниту една политичка сила. Но, ја користам оваа можност сите политички субјекти во земјава да ги повикам активно да придонесат во нормализирањето на меѓуетничките односи во земјава“, порача Ахмети по средбата со Волерс.

Инаку, по серијата инциденти карактеристични за изминатите денови, денес не беа регистрирани нови тепачки. МВР вели дека работи на расчистување на случаите. Повеќе лица се приведени, а против некои се поднесени и кривични пријави.

XS
SM
MD
LG