Повикот од лидерите на двете најсилни европски економии Франција и Германија до најслабата - Грција, ја истакна загриженоста за финансиската неволја во која се наоѓа регионот. Ваквиот развој на настаните спроти петочните разговори на министрите за финансии од 17 земји кои го делат еврото, при што треба да стане збор околу преголемата задолженост која почна со Грција, Португалија и Ирска, а сега постои ризик да се прошири во Италија и во Шпанија.
Американскиот секретар за финансии Тимоти Гајтнер присуствува за прв пат на овие разговори заради загриженоста дека кризата може да се префрли и на други континенти. Во изјава за телевизијата Си-Ен-Би-Си, Гајтнер рече дека европските лидери се свесни дека треба да сторат повеќе да ја заработат меѓународната доверба.
Фабиен Зулиг, главен економист при Центарот за европски студии во Брисел, вели дека САД имаат право да бидат загрижени:
„Интервенцијата од САД исто така покажа дека ризиците за стабилност на финансискиот систем како целина, за глобалниот финансиски систем, може повторно да биде под закана. Тоа значи дека може да имаме финансиска ситуација каде евентуалното банкротирање на Грција, може да има домино ефект ширум светот“, вели овој економист.
Во друг сигнал за нестабилноста на пазарот, агенцијата за рејтинг Муди ја намали оценката на две големи француски банки кои се големи носители на грчки владини обврзници.
Грција е под притисок да ги оствари ветувањата за ригоризни мерки за штедење и во замена за нов пакет финансиска помош. Аналитичарите веруваат дека европските влади кои ја имаат заедничката валута – еврото, мора да се договорат за поблиска европска обединетост ако сакаат еврозоната да остане одржлива.
Во обраќањето пред европскиот Парламент, претседателот на европската комија Хозе Мануел Баросо, рече дека комисијата ќе предложи креирање на „евро-обврзници“, како мерка на владите од еврозоната да ги гарантираат своите долгови:
„Убеден сум дека ни е потребна подлабока интеграција. Да бидам појасен: Тоа треба да биде во рамки на заедничкиот систем. Систем кој е базиран само на меѓувладина соработка не функционирал во минатото, и нема да функционира ниту во иднина“, вели Баросо.
Шансите за распаѓање на еврозоната, за кои едно време се сметаше дека не се многу веројатни, сега од страна на аналитичарите не се исклучуваат како можност, вели Зулиг:
“Не мислам дека веројатно сценарио е мирен излез од еврозоната на некоја држава. Поверојатно е да имаме еврозона, која ќе остане како целина, или во спротивно ќе имаме хаотичен процес каде други држави ќе се најдат под притисок, како што во случајов е Грција, која вели дека не може повеќе да ја плаќа задолженоста“.
Експертите велат дека велат дека економскиот растеж е потребен за Грција и за другите нации кои имаат проблеми со задолженоста да се повратат. Минатата недела, Организацијата за економска соработка и развој ги намали очекувањата за растеж во рамки на еврозоната, а грчката економија забележа опаѓање годинава.