На брифингот за најновите случувања на Балканот во Националниот клуб на новинарите во Вашингтон, заменикот помошник-државен секретар на САД за Европа и Евроазија Томас Кантримен го истакна квалитетот на во недела одржаните избори во Македонија.
„Им честитам на граѓаните на Република Македонија на изборите што беа компетитивни, транспарентни, добро спроведени, на кои луѓето излегоа во голем број, се однесуваа мирољубиво и достоинствено. Квалитетот на овие избори во Република Македонија е без преседан“, коментираше Кантримен на прашање на Гласот на Америка на македонски.
Тој сепак кажа дека ОБСЕ идентификувала одредени проблеми.
„Приоритет за идната влада е да се справи со тие прашања, така што наредните избори би можеле да бидат уште подобри“, рече Кантримен.
Затворањето на прашањето за името со Грција, реформите за членство во Европската унија и натамошното спроведување на Охридскиот договор за него се главните задачи што стојат пред идната македонска влада:
„Апсолутно веруваме дека ова е вистинското време, веднаш откако ќе се формира новата влада, да се заокружи дискусијата со Грција за името на Македонија. Сметаме дека тоа е на дофат, и може да се стори – по избори е мошне подобро време да се направи вакво нешто отколку пред избори. Со нетрпение очекуваме тоа да се реши, со цел Македонија да продолжи на патот кон НАТО и ЕУ“, рече вишиот дипломат на Стејт департментот.
Кантримен е на мислење дека за новата влада е важно да се зафати со некои од прашањата што ги идентификуваше Европската унија како приоритети на патот за пристапување.
„Тука спаѓаат владењето на правото, независноста на судството и слободата на медиумите. Ова се клучни прашања доколку Македонија сака да ги исполни стандардите на ЕУ“, вели тој.
Со оглед дека годинава се одбележува 10-годишнината од Охридскиот договор, претставникот на Стејт департментот смета дека е потребна искрена и решителна примена на неговите одредби за да им се даде чувство на сите граѓани на Македонија, без оглед на нивната етничка припадност, силно чувство дека се дел од земјата.
Говорејќи за регионот во целина, Кантримен подвлече дека целосна интеграција на регионот во ЕУ и НАТО и натаму е заложба број еден за американската влада.
Апсењето и испорачувањето на Ратко Младиќ во Хаг е голем исчекор не само за Србија, туку и за регионот во правец на помирни води, рече тој. Статусот на Косово е конечен, како и неговите граници. Вели, евентуалното повторно отварање на тоа прашање е опасно за регионот, затоа што само ќе ги разгори националистичките страсти. Според него, нема моноетнички држави во регионот и цврсто верува во тамошните мултиетнички општества како иден дел од ЕУ и НАТО.