Линкови за пристапност

Американски конгресмени поддржуваат мирна промена во Египет


Американски конгресмени поддржуваат мирна промена во Египет
Американски конгресмени поддржуваат мирна промена во Египет

Повеќето не сметаат дека паричната американска помош за земјата би се изменила или укинала.

Дури и пред египетскиот претседател Хосни Мубарак да објави дека нема да се кандидира за реизбор, американските сенатори говореа за негово заминување од власта како за сосема извесна работа. Пратеници од обете главни политички партии во САД сметаат дека досегашната американска помош за Египет била оправдана и не дадоа знаци дека таа ќе биде променета или укината – барем засега.

Претседавачот на Сенатската комисија за односи со странство Џон Кери рече дека Египќаните „го надминале“ својот претседател. Овој демократ од сојузната држава Масачусетс смета дека одлуката на Мубарак да не бара реизбор е само првиот во редицата потези што тој треба да ги повлече.

„Треба да појде и подалеку, да состави привремена влада во наредните неколку месеци за да се избегне насилството и да помогне во транзицијата на Египет кон иднината што народот на оваа земја ја посакува и заслужува.

Републиканскиот сенатор од Јужна Каролина Линдзи Греам исто така ја поддржува идејата за привремена влада и бара натамошен американски ангажман во Египет.

„Мислам дека за САД е мудро да бидат на теренот, помагајќи во транзицијата, отколку целосно да се држат настрана“, вели Греам.

Владата на претседателот Барак Обама ги поздрави повиците за промена во Египет, но наведува дека Египќаните се тие кои мора да одлучат за иднината на земјата. Со децении, Египет е еден од најголемите примачи на американска помош што во текот на изминатата деценија изнесуваше над 1,5 милијарди долари годишно.

Тоа се добро потрошени пари, смета независниот сенатор од Конетикат Џозеф Либерман.

„Тие пари ја поддржуваа владата која со текот на годините имаше инструментална улога во одржувањето на стабилност на Блискиот Исток. Како второ, голем дел од парите одеа на египетската армија. Дури и во ова време на криза, мислам дека гледаме дека армијата игра клучна улога во обединувањето на земјата“, наведува Либерман.

За него, сега не е време да се упати закана на Египќаните, ниту пак на нивната армија, дека ќе биде укината америкнската помош.

Со Либерман се согласува и вишиот републикански член на Сенатската комисија за односи со странство Ричард Лугар.

„Ќе биде несоодветно да се разговара за укинување на помошта додека Египќаните се обидуваат да формулираат содветен вид на власт“, коментира Лугар.

Неговата сопартијка, сенаторката Сузан Колинс е согласна дека американската помош одиграла конструктивна улога, но не е сигурна дали би ја продолжила и во иднина.

„Мислам дека е прерано да се донесе таква одлука. На пример, доколку на некој начин Муслиманското братство презеде контрола врз земјата, тогаш е јасно дека не би давале никаква помош на Египет“, вели Колинс.

Создадена во 1920-те за да пружи отпор на британската контрола врз Египет, организацијата Муслиманско братство е транснационално исламистичко политичко движење што во моментов е забрането во Египет.

Либерман не очекува новото египетско раководство да биде непријателски расположено кон САД, или пак кон Израел, Па сепак, тој додава дека претседателот Мубарак е во позиција да помогне да се обезбеди најдобар можен исход.

„Тој е патриот, националист. Еден од најголемите испити за еден водач е како да стави крај на своето раководство и да ја префрли моќта на некој друг, по можност на начин што е уште подобар за земјата. Египќаните очигледно бараат промена“, наведува Либерман.

Американските сенатори јавно ја поддржуваат промената и во глобала се внимателни оптимисти околу тоа што може таа да донесе.

XS
SM
MD
LG