Линкови за пристапност

Амбасадорот во Египет бара да се врати во Македонија


Амбасадорот во Египет бара да се врати во Македонија
Амбасадорот во Египет бара да се врати во Македонија

И премиерот Никола Груевски ја одложи посетата на Каиро. Тој утре требаше да замине на средба со претседателот Хосни Мубарак

Македонскиот амбасадор во Египет Миле Манолев бара да се врати во Македонија. Објаснува дека Амбасадата се наоѓа подалеку од центарот на немирите, ја чува египетската војска, но сепак нема основни услови за работа, ни за живот.

„Во вакви услови не гледаме можност за комуникација за извршување на редовните активности. Мислам дека сега практично нема што да се работи. Има полициски час, бензин нема, продавниците се затворени. Шетаат банди по улиците и нема Интернет“, вели амбасадорот Манолев.

Уште 34-ца македонски државјани побарале враќање во земјава. Меѓу нив, и според Министерството за надворешни работи, и според амбасадорот Манолев, нема туристи. Тоа се главно студенти и луѓе кои повеќе години работат во Египет заедно со нивните семејства. Сигурно е дека тие на 3-ти февруари ќе се вратат во Македонија, но не и амбасадорот.

Министерството за надворешни смета дека тој и` е потребен на земјава да остане во Каиро и да обезбедува совети и помош за македонските државјани што евентуално ќе се обратат до Амбасадата. Во соопштението се наведува дека ситуација се следи и засега е утврдено дека Амбасадата останува отворена. Воедно, се апелира до македонските граѓани кои планирале да патуваат во Египет, тоа да го одложат, а туристичките агенции, доколку испратиле туристи таму, веднаш да ги вратат.

И премиерот Никола Груевски ја одложи посетата на Каиро. Тој утре требаше да замине на средба со претседателот Хосни Мубарак.

XS
SM
MD
LG