Линкови за пристапност

Опаѓа бројот на оние кои бараат помош поради невработеност


Износот од минатата недела најнизок во последниве четири години.

Бројот на отпуштени Американци кои бараат социјална помош поради невработеност минатата недела паднал на ниво најниско во последните четири години, напоредно со јакнењето на пазарот на трудот во најголемата економија на светот.

Според податоците на владиниот Оддел за труд, 357.000 работници по првпат се пријавиле за помош, што е за 6.000 помалку од претходната недела и најмалку од април 2008-ма - наваму.

Владата утре треба да го објави редовниот извештај за работните места. Економистите предвидуваат дека минатиот месец биле вработени 200.000 или повеќе лица. Па сепак, со фактот дека се` повеќе невработени повторно почнале да бараат работа, стручњаците сметаат дека стапката на невработеност ќе остане непроменета – 8,3%. Стапката во втората половина на 2011-та паѓаше пет месеци по ред, а американската економија полека почна да закрепнува од најлошата економска криза што ја погодила земјата во последните седум децении.

Економската ситуација е суштинско прашање во камапањата за претседателските избори, што ќе се одржат во ноември.

Претседателот Барак Обама го брани својот економски учинок и укажува на се` поголемото вработување како доказ. Водечкиот републикански претендент Мит Ромни вели дека економскиот напредок не е со доволно темпо и дека доколку биде избран, ќе ги намали владините регулативи за да ја поттикне економијата уште повеќе.

XS
SM
MD
LG