Линкови за пристапност

Православните христијани го слават Велигден

  • Синиша Станковиќ
  • за Скопје

Неколкудневното чествување, што започна на Велики четврток, ќе трае до задутре.

„Бидејќи е Ден на Воскресение, да се просветлиме со торжеството, и еден со друг да се прегрнеме! И на оние што не мразат да им речеме: Браќа, да простиме се со Воскресението... Зашто, простувањето не само што не го исклучува, туку му дава единствена и најголема вредност на достоинството на секој народ“, рече во архипастирската порака, поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан.

Во Велигденското послание, Архиепископот Охридски и Македонски, им порача на верниците: „Испраќајќи ви го нашиот архипастирски благослов, Ви ја пренесуваме Христовата порака за мир и љубов. Му се молиме на Воскреснатиот Христос да не дарува богато со Својата благодат и да не поткрепува во нашиот живот, та со чисто срце, еднодушно и цврсто стоејќи во нашата православна вера, да ја објавиме на сите најрадосната вест, дека - ХРИСТОС ВОСKРЕСЕ!“.

Понатаму, поглаварот г.г. Стефан во пораката вели: „Братски и во љубов им порачуваме на сите кои на кој било начин и во кој било поглед ни негираат, да разберат дека Македонската православна црква во целост го исповеда учењето на Православната црква, ги следи и исполнува одлуките и каноните на светите собори и исповеданијата на светите отци“.

Православните верници во Македонија и во светот денес го прославуваат најголемиот христијански празник Христовото Воскресение - Велигден. Неколкудневното чествување, што започна на Велики четврток и ќе трае до задутре, го одбележува присуството на илјадници православни верници во храмовите на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија низ Македонија и ширум светот, секаде каде што има македонска дијаспора. Насекаде ноќеска беше објавено во Христовото воскресение, а утрово се одржаа воскресенски литургии.

Премиерот Никола Груевски, кој по повод Велигден, ноќеска присуствуваше на свечената полноќна Велигденска литургија во Соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово, а утрово, на свечената Воскресна литургија во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, на православните христијани им порача: „Да останеме цврсти, сполотени, да продолжиме да се бориме со предизвиците кои доаѓаат, да имаме напредок и успеси понатаму како држава, како народ и како поединци. Христос воскресна, навистина воскресна!“

И претседателот Ѓорге Иванов на сите христијански верници им го честита празникот Воскресение Христово.

„Ви посакувам Велигден да го поминете во среќа и благосостојба, опкружени од своите најблиски и исполнети со верба и безмерна радост поради Христовата победа над смртта... Христовата жртва за човештвото нека биде патоказ за добродетелство, меѓусебно помагање и споделување со сите наши сограѓани без разлика на нивната етничка и верска припадност. Велигден е празник на победата на правдата над насилството. Празник на вечната верба и надеж“, рече Иванов.

Лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски упати честитка до поглаварот на МПЦ-ОА и до сите православни верници во која се вели: „Дозволете ми Вам лично, на членовите на Синодот, на Вашето ценето свештенство и монаштво, на сите православни верници во Република Македонија, да Ви упатам срдечни честитки по повод големиот христијански празник Воскресение Христово ВЕЛИГДЕН со најискрени желби за добро здравје, благосостојба и мирен духовен живот. Во оваа прилика сакам да го истакнам моето уверување дека Македонската православна црква ќе продолжи да дава придонес во јакнењето на меѓуверскиот дијалог, негувањето на мултикултурната и мултиконфесионална соработка на сите граѓани на Република Македонија. Негувањето на овие вредности е од исклучително значење за промоцијата на културата, традицијата и идентитетот на македонскиот народ и држава“.

И министерот за одбрана Фатмир Бесими упати честитка до сите припадници на Армијата на Република Македонија и до сите граѓани на Република Македонија од православна вероисповест.

„Мултиетничноста и мултиконфесионалноста е наша предност и голема придобивка. Единствено преку целосно и недвосмислено почитувањето на различностите ќе успееме да етаблираме и развиеме цврста меѓусебна поврзаност која ќе нè води напред, кон натамошни успеси на сите полиња“, стои во пораката на Бесими.

XS
SM
MD
LG