Линкови за пристапност

Богов во Вашингтон: прогнозата на ММФ за Македонија - реална


Гувернерот на Народната банка на Македонија учествува на пролетните средби на ММФ и Светска банка

Реална проценка – вака гувернерот на Народната банка на Македонија Димитар Богов ја карактеризира прогнозата во најновиот извештај на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) дека економскиот раст во земјата годинава ќе биде 2%, а следната 3,2%.

Димитар Богов за Гласот на Америка на македонски ја потврди и прогнозата на ММФ за инфлацијата во Македонија од 2%.

Гувернерот смета дека светот ја преброди должничката криза по преземените мерки во еврозоната, иако не се отстранети сите ризици. Богов очекува на пролетните средби на ММФ и Светската банка викендов во Вашингтон да биде зголемен буџетот на Фондот за 400 милијарди долари и да стане достапен и за земјите надвор од еврозоната.

Македонија годинава слави 20-години од монетарното осамостојување. На прашањето дали стабилноста на денарот е загрозена во блиска иднина поради глобалните економски текови, Богов вели: „Не. Напротив. Имаме исклучително стабилно ниво на девизни резерви и стабилност во платниот биланс, подобри движења од очекувањата. Цврсто остануваме на политиката на стабилен курс на денарот, а преку тоа остваруваме инфлација на нивото на земјите од еврозоната“.

Нивото на задолженост во Македонија е многу ниско, уверува Богов: „Задолженоста на населението е околу 17% од бруто-домашниот производ (БДП). Во други земји, па и најразвиените, тоа изнесува 100 отсто. Кај земјите во регионот, таа задолженост е многу повисока, околу 30-40 проценти.

Колку грчката финансиска криза го погоди македонското стопанство? Гувернерот на Народната банка мисли дека македонскиот извоз се прилагодува на новонастанатата состојба.

„Извозот на Македонија кон Грција е спуштен на 5% од вкупниот извоз на земјата. Во 2007-ма, тој учествуваше со 15% од вкупниот извоз. Во моментов има тренд на пренасочување на досегашниот македонски извоз од Грција кон други западноевропски, пред се` растечки економии“, вели Богов.

За главното монетарно лице на Македонија, економската слика во Македонија зависи од движењата во еврозоната - во некои нејзини земји имаше економски застој кон крајот на 2011-та и првиот квартал од годинава.

„Очекувањата се дека во вториот период од 2012-та ќе има закрепнување во еврозоната, а таквиот позитивен тренд поволно ќе се одрази и врз заживувањето на македонската економија“, смета Богов.

XS
SM
MD
LG