Младата дизајнерка Геновева Кристов на Интернет се информирала за конкурсот на марката Андријана Папел – „Во живо од црвениот тепих во Лос Анџелес“, на кој пратила дизајн за вечерен фустан за церемонијата на доделувањето на Оскарите.
Од 676 дизајнери, го освои второто место, што и` ги отвори вратите на стоковните куќи ширум САД.
„Мислам дека живеам за модата. Освен што сакам да креирам, сакам и да носам убава облека. Отсекогаш сакав и следев мода и ме привлекуваат невообичаени, несекојдневни работи“, вели македонската дизајнерка.
Геновева потекнува од Ресен. Дипломирала на Факултетот за уметност и дизајн во Колумбус, Охајо. Работи како независен моден дизајнер.
„Не сакам да бидам ограничена само со еден извор на инспирација. Вообичаено ме инспирира улична мода, старите филмови, но и самиот материјал“, вели Кристов за нејзината инспирација.
Генова претпочита материјали со изразит состав: „Многу често во мојата колекција користам кожа, комбинирам со свила, користам шифон, шармуз“.
Нема омилена боја. Вели - сите се убави на свој начин, но додава дека дизајнерот мора да ги следи модните трендови.
Албер Елбас и Александар Меквин - и` се омилени креатори. Во креациите не користела традиционални македонски мотиви, иако тоа не го исклучува за во иднина.
„Следната сезона ќе се претставам на Модната ревија во Колумбус, а би сакала свои креации да изложам и на модни ревии во Њујорк, Мајами, Париз“, најавува Геновева.