Линкови за пристапност

Џорџија ќе погуби затвореник кој тврди дека е ментално болен


И покрај апелите од групи за човекови права, Хил сам требало да докаже дека не е подобен за извршување на смртна казна

Американската сојузна држава Џорџија треба да ја изврши смртната казна врз осуден убиец, и покрај барањата од разни групи за заштита на човековите права и официјален претставник од ОН дека треба да биде поштеден затоа што се работи за ментално нездрава личност.

Ворен Хил треба да биде погубен денеска за убиството врз затвореник од неговата ќелија во 1990-та. Иако веќе одлежувал доживотна казна затвор, Хил претепал до смрт ко-затвореник. Судијата кој го водел процесот пресудил дека убиецот имал коефициент на интелигенција 70, и дека Хил најверојатно е ментално болен. Сепак, тој рече дека адвокатот на Хил не успеал да го докаже тоа. Федералните судови го почитуваат законот на Џорџија кој бара обвинетите да ги докажат тврдењата дека се ментално болни или ретардирани и дека не можат здраво да расудуваат.

Минатиот месец, американскиот Врховен суд одби да ја разгледа жалбата на Хил. Минатата недела и Бордот за помилување на Џорџија го отфрли барањето за промена на казната во доживотен затвор.

Специјалниот пратеник на ОН за арбитражни егзекуции Кристоф Хејнс повика државата да покаже „морално и правно лидерство“, кое се очекува од САД. Тој предупреди дека други влади може да ги следат или да воведат слични казни наместо „почовечки“ казнувања.

Врховниот суд во 2002-ра се произнесе дека е противуставно да се врши егзекуција врз лица кои се ментално ретардирани, нагласувајќи дека тие обвинети се соочуваат со „специјален ризик за погрешна егзекуција“.

Останува на секоја сојузна држава да одлучи за нивото на докази што осуденикот треба да ги покаже за својот ментален капацитет.

52-годишниот Хил ќе биде прв затвореник од Џорџија кој ќе биде егзекутиран користејќи една, а не мешавина од три хемикалии во инјекција, што претходно беше пракса. Тој првично требаше да биде погубен минатата недела, но сојузната држава ја одложи егзекуцијата поради промената на смртоносното средство.
XS
SM
MD
LG