Линкови за пристапност

Владата на Обама се извини за отпуштање поради расна контроверза


На брифинг во Белата куќа, портпаролот на претседателот Обама и формално упати извинување во името на актелната администрација до Ширли Шерод

Контроверзата околу отпуштањето на владина службеничка од афро-американско потекло не се симнува од насловните страници во САД. Владата на претседателот Обама и` се извини на Ширли Шерод откако се покажа дека откaзот што и` го даде владиниот Оддел за земјоделство е базиран врз исечок од видео-материјал на Интернет, изваден од контекст од страна на конзервативен политички блог.

На брифинг во Белата куќа, портпаролот на претседателот Обама и формално упати извинување во името на актелната администрација до Ширли Шерод, а секретарот за земјоделство Том Вилсак пред телевизиски камери презеде целосна одговорност за развојот на настаните. Тој рече дека телефонски разговорал со Шерод, директорка на Одделот за развој на руралните предели во јужната држава Џорџија, и лично и` се извинил.

Вилсак додаде дека во телефонскиот разговор со неа и понудил нова работа за Одделот за земјоделство, на што Шерод рекла дека ќе размисли.

Секретарот Вилсак на Капитол Хил се сретна и со законодавци од афро-американско потекло. Демократот од Калифорнија Барбара Ли, која го предводи афроамерикнскиот конгресен коукус, изјави: „Ова е момент кога нашата нација навистина треба да разбере дека треба да почнеме да дискутираме за расните прашања.

„Членови од оваа администрација, припадници од медиуми, од разни политички фракции од двете страни – сите донесоа заклучоци без претходно согледување на фактите“, коментираше за случајот портпаролот Гибс..

Контроверзната снимка што доведе до отпуштање на Шерод е од нејзин говор пред Националното здружение за напредок на обоените луѓе или НААЦП, каде таа вели дека пред 24 се двоумела дали да му помогне на земјоделец-белец.

Целиот 43-минутен видео-материјал покажува дека Шерод во говорот се осврнува на важноста за расно помирување, како и за тешките моменти низ кои минуваат сиромашните земјоделци. Земјоделецот и неговата сопруга ги отфрлија сугестиите дека Шерод е расист.

Најновата контроверза доаѓа речиси една година кога во слично недоразбирање во Масачусетс беа распламтени страстите за расните прашања на национално ниво.

Во инцидентот, локален полицаец – белец приведе професор од Харвард - Афро-американец, кој првично од соседите бил идентификуван како провалник. Случајот заврши со средба на обајцата со претседаелот Обама на пиво во Белата куќата – симболичен чин на помирување и обид за надминување на недоразбирањата.

XS
SM
MD
LG