Првата жена која ја вршела функцијата портпарол на Белата куќа во една републиканска администрација. Скромна е. Не чувствува дека го скршила мразот и посакува други припаднички на понежниот пол да појдат по нејзините стапки
„Диди Маерс беше прва жена-портпарол во Белата куќа. Таа работеше за Бил Клинтон. Го отвори патот за други. Јас бев втора, по пауза од 15-тина години. По мене, кога ќе се појави трета жена која ќе ја врши функцијата портпарол, нема да биде голема вест. Тоа е голем чекор за нашата земја“.
Кога за прв пат го посетила Вашингтон на шестгодишна возраст, и` рекла на својата мајка дека еден ден сака работи во Белата куќа. Се пробивала низ животот и стасала да работи како портпарол во канцеларијата на конгресменката од нејзината сојузната држава - Колорадо. Детскиот сон и` се исполнил во времето на администрацијата на претседателот Џорџ Буш:
„Не ја прифатив понудата во Белата куќа поради функцијата портпарол, туку поради претседателот Буш. Тој беше лидер во кој јас верував и кој ме инспирираше да бидам подобра личност“.
Откако и` било понудено да го замени Тони Сноу, веднаш прифатила, без двоумење, затоа што била воспитувана во стилот - ако претседателот побара нешто од тебе, веднаш „треба да возвратиш со максимална посветеност“
Се потсетува на рутината од тој период
„Станував во четири часот. Си легнував во 9:30 навечер. Вообичаено панично станував во еден часот по полноќ, запрашувајќи се дали се` му кажав на претседатателот, дали нешто заборавив, што треба да сторам. Имав чувство на постојана загрижност“.
Не сум домаќинка. Не готвам, затоа што немам време. Од мажот ми имам големо разбирање за мојот ангажман, вели Перино.
Која е тајната на успехот на Дана Перино?
„Навистина мислам дека треба да го исклучите телевизорот и повеќе да читате. Разговорните шоуа кои се мошне популарни во Америка деновиве, не ви го хранат мозокот. Ако сакате да сте успешни, мора да читате – од научна фантастика, до класична литература. Втора најважна работа е здравјето. Мора да се грижите за себе. Здрава жена значи и здраво семејство. Секогаш ги советувам младите да најдат физичка активност што ги прави среќни, затоа што многу е полесно на млади години да се одржувате отколку на постари. Третата работа за успех - мора да сте реални и искрени во тоа што го правите“.
Таа смета дека работите треба да се кажуваат и пренесуваат какви што се во реалноста, но на пристоен начин. Ако сте искрени кон себе и кон другите, на крајот од денот, може мирно и да спиете, советува Перино.