По неколкумесечно политичко натегање, Конгресот го одобри продолжувањето на даночното скратување за платите, за кое претседателот Обама тврди дека е витално за заздравување на американската економија.
Претставничкиот дом ја изгласа мерката што претходно ја усвои Сенатот, а со која даночното скратување, што истекува на крајот на месецов, ќе продолжи и во првите два месеца од наредната година. Републиканците во Претставничкиот дом деновиве беа под голем притисок да го одобрат продолжувањето.
Мерката овозможува данокот на примањата и натаму да остане 4.2%. Доколку Конгресот не постигнеше согласност, данокот на 1-ви јануари ќе скокнеше на 6,2%, а ефектот ќе го почувствуваа 160 милиони американски работници.
Конгресот во јануари ќе започне нова рунда преговори да го продолжи траењето на мерката за уште десет месеци.
Обама изјави дека договорот во Конгресот е вистинскиот потег што ќе ги зајакне семејствата, ќе ја поттикне економијата и ќе отвори нови работни места. Привремената мерка значи и дека ќе продолжи социјалната помош за невработените и покривањето на трошоците на програмата за здравствена заштита Медикеар.