Линкови за пристапност

Само што дипломирале, а со долг!


Само што дипломирале, а со долг!
Само што дипломирале, а со долг!

Дека загрижувачкиот тренд не мора да биде правило покажува еден колеџ во Кентаки.

Последниве неколку години, рекорден број на домови станаа жртви на хипотека - една од најтешките последици од економската криза за обичниот Американец. Иако не му се дава толку голем простор во медиумите во САД како на домовите под хипотека, еден друг проблем е толку голем што фрла сенка на иднината на младите Американци, уште пред да се вработат. Растечки број на дипломираните, поради економското забавување, не се во можност да ги отплаќаат кредитите што ги зеле за да ги покријат трошоците за студирање. Во просек, американскиот студент е задолжен со кредит од 24. 000 долари, а 14% од таквите кредити не се исплаќаат навреме.

Гратчето Береа во сојузната држава Кентаки навидум нашло крај на таквата задолженост. Иако четиригодишното студирање на Береа чини речиси 100.000 долари, тукашните студенти не ќе мора да мачат мака со задолженоста. Студентите на Береа плаќаат за своето образование додека студираат, работејќи на места што ги наоѓа колеџот.

Како и повеќето студенти, Џејн Тонело работи околу 10 часа неделно, пред и по предавањата. Факултетот ја научил да ткае платна што подоцна ги продавала на туристи во продавница за сувенири на колеџот. Тонело наскоро ќе дипломира, и, што е можеби уште поважно, не ќе има студентски кредит за отплаќање.

“Добро е чувството да се има финански `чист` почеток кога ќе дипломирате. Тоа е извонредна предност што ја немаат многу студенти“, вели Тонело.

Таа сака да стане лекар и планира да појде на медицинско училиште оваа година. Иако ткајачкиот занает не изгледа релеванен за нејзината кариера во медицината, Тонело вели дека научила корисна вештина.

“Голем дел од тоа да се биде лекар е да знаете да работите со луѓе, ефикасно да го употребувате времето и секогаш да учите нови работи. Тоа не е многу различно од она што го научив од ткаењето“, раскажува Тонело.

Токму такви способности бараат денешните работодавачи, коментира деканот за професионална обука на Береа Дејвид Типтон.

„Способноста на студентот да работи тимски, да има иницијатива, да биде одговорен, да биде точен, да не доцни – такви нешта бара секој работодавец. Тоа се тие способносто кои прават разлика, а кои секој треба да ги поседува за да биде добар работник“, наведува деканот.

Кога Колеџот Береа бил формиран во 1850-тите, повеќето жители на Кентаки се издржувале од земјоделство. Програмите за работа за време на студирање обезбедиле начин сиромашните студенти да си го платат образованието. За денешните побогати студенти, програмата има поинаква цел:

„Во денешно време, многу студенти никогаш не работеле и тоа претставува ново искуство за нив. Многумина од нив практично учат што значи - да се работи“, вели Типтон.

Береа е еден од само седумте таканаречени „работни“ колеџи во Америка, но тоа може да се промени. Типтон вели дека се` повеќе училишта изразуваат интерес:

„Кога говориме за комплетно образување на личноста, мислиме на едукација на главата – академска, на рацете – трудова, и на срцето – во служба на хумани цели, односно духовниот елемент на секој индивидуалец“, коментира деканот на Береа.

XS
SM
MD
LG