Линкови за пристапност

Клинтон загриженa за кинескиот трговски пробив во Африка


Клинтон загриженa за кинескиот трговски пробив во Африка
Клинтон загриженa за кинескиот трговски пробив во Африка

Пекинг презеде примат како најголем трговски партнер на континентот

Американската државна секретарка Хилари Клинтон е загрижена за кинеската помош и инвестиционата политика во Африка. Трговската размена беше централна тема на нејзината посета на континентот неделава. Таа со африканските деловни лидери разговараше за продолжување на бесцаринскиот пристап на американските пазари, согласно Законот за африкански растеж и можности.

Затоа не е за изненадување дека во секоја земја каде престојуваше, од Замбија, Танзанија, па се` до Етиопија, најмногу ја прашуваа за земјата која го презеде приматот на најголем трговски партнер на континентот – Кина.

„Кинеското присуство во Африка ја одразува реалноста дека има важни и растечки интереси на континентот, меѓу што и пристап до ресурси и пазари, како и развивање на поблиски дипломатски врски. САД не гледаат на овие кинески интереси како на инхерентно некомпатибилни на нашите интереси“, вели Клинтон.

Кинеско-африканската трговија лани порасна за 40% и стаса до речиси 127 милијарди долари. Најповеќе е фокусирана на извоз на минерали и на нафта, во време кога Пекинг бара ресурси за својата голема економија.

Клинтон истакнува дека администрацијата на Обама се надева дека Кина ќе биде успешна во економски напори во името на кинескиот народ и дека ќе преземе поголема одговорност и ролја во справување со предизвиците со кои се соочува Африка.

„Па сепак, загрижени сме дека кинеската помош и инвестиционата пракса во Африка не секогаш е конзистентна на општо прифатените меѓународни норми на транспарентност и добро владеење“, вели американската државна секретарка.

За големите кинески проекти во инфраструктурата во Африка честопати се најмуваат кинески работници. Африканските синдикати се жалат дека тие проекти не креираат нови работни места, ниту пак се обучува локална работна сила.

Клинтон рече дека американските дипломати во Африка стапуваат во контакти со кинеските колеги за да ги утврдат потенцијалните области за соработка, додека истовремено ја оценуваат и севкупната кинеска улога во Африка.

„Сакаме да соработуваме со Кина и другите држави за да обезбедиме дека кога сме ангажирани во Африка, тоа го правиме на одржлив начин од што ќе имаат корист сите нации и луѓе во Африка“, вели таа.

Иако Вашингтон не е повеќе главен трговски парнер на Африка, се` уште е најголемиот донатор на континентот. Клинтон подвлекува дека американските инвестиции и програми се базирани врз партнерство, а не врз патронат, за разлика од некои кои, како што рече, соработуваат само со африканските елитни кругови и честопати го поткопуваат доброто владеење.

Во уреднички коментар во државниот весник на англиски јазик „Чајна Дејли“ што реагира на коментарите на Клинтон, стои дека Кина никогаш не колонизирала ниту една нација во Африка. Во него се наведува дека е познато дека африканскиот народ и светот знаат дека Кина помогнала во изградба на многу училишта и болници во Африка, како и дека африканскиот народ е доволно мудар да ги идентификува вистинските пријатели.

XS
SM
MD
LG