Американската државна секретарка Хилари Клинтон го истакна украинскиот напредок кон демократијата и придонесот на земјата во меѓународните мировни напори на НАТО.
Клинтон по средбата со украинскиот претседател Виктор Јанукович петокот во Киев кажа дека стратешкото партнерство на САД со Украина не го спречува украинското пријателство со Русија. Таа ги повика украинските водачи да ја прошират слободата на информации и транспарентноста на владата.
Јанукович се заблагодари на официјален Вашингтон за поддршката за неврзана Украина и во преговорите со Меѓународниот монетарен фонд за пакетот-помош. Тој откри и дека Украина предлага изградба на нов гасовод на своја територија за да обезбеди непречено минување на рускиот гас до крајните дестинации во Европа.
Клинтон се сретна и со опозиционата водачка, порнешната премиерка Јулија Тимошенко. Наредна станица на турнејата на Клинтон по Европа и Кавказот е Полска, а ќе ги посети и Азербејџан, Ерменија и Грузија.