Линкови за пристапност

Проценка на американското разузнавање за светските закани


Во документот претставен на денешниот сенатски распит, Македонија и Босна и Херцеговина издвоени како „потенцијално експлозивни“ на Западниот Балкан.

Терористите ги проучиле американските разузнавачки напори откако поранешниот договорен соработник Едвард Сноуден до медиумите достави информации за истото, подвлече денеска директорот на националното разузнавање Џејмс Клапер.

Пред Сенатската комисија за разузнавање, Клапер кажа дека терористите ги смениле нивните комуникациски методи, со што ја отежниле работата на американските разузнавачи. На истиот распит, директорот на Агенцијата за одбранбено разузнавање, генерал-покловникот Мајкл Флин рече дека Сноуден нанел непроценлива штета на напорите за национална безбедност.

Директорот на Центарот за национален контратероризам Метју Олсен, пак, наведе дека има извесен пораст во извештаите за закани пред Олимпијадата во Русија. Според него, најголемата закана не е врз Олимпиското село, туку врз „меките мети“ во Сочи.

Во Проценката на светските закани што Клапер во име на американската разузнавачка заедница ја претстави на распитот, во делот за Европа се вели дека прашањето со приватноста и прислушкувањето на американската Агенција за национална безбедност (НСА) може да се наметне како политичко прашање на изборите за Европскиот парламент во 2014-та. Самитот на НАТО во септември 2014-та, пак, се оценува како можност за јакнење на Алијанската и најавување на нов генерален секретар.

Документот акцентира и дека нерамнотежата во евро-зоната и бавниот економски растеж во Европа ја менуваат поличката економија на континентот, што потенцијално може да предизвика поддршка за националистичките и популистички партии.

Во делот за Западниот Балкан стои дека без оглед на позитивниот развој на настаните во регионот лани, 2014-та ќе се карактеризира со длабоки етнички и политички поделби, при што ситуациите во Македонија и во Босна и Херцеговина добија назнака „особено експлозивни“.

„Македонската влада продолжува да турка програми наменети за промоција на етнички македонскиот национализам, на сметка на евроатлантската интеграција на земјата. Што подолго се одолголекува со македонското членство во ЕУ и НАТО поради спорот со Грција околу уставното име на земјата и слабите билатерални односи со Бугарија, толку е поголем ризикот дека ќе нарасне етничката напнатост“, проценува американското разузнавање.

За Босна, документот наведува дека различните интерпретации на политичката рамка заснована на Дејтонскиот договор, како и обидите на водачите на трите заедници да одржат контрола врз своите политички и етнички области, ќе продолжат да ги поткопуваат централните државни институции. „Изборите во 2014-та најверојатно нема да ги премостат овие разлики, што ќе ги намали надежите за евроатлантската интеграција на Босна што веќе ја имаат постигнато нејзините соседи“, стои во документот.
XS
SM
MD
LG