Линкови за пристапност

Кинескиот дисидент бара заштита од САД


САД ја потврдија желбата на слепиот активист да замине од Кина

Американски официјални лица потврдија дека слепиот кинески дисидент Чен Гуангченг, сака да замине од Кина со семејството еден ден по напуштањето американската амбасада каде мина речиси една недела откако избега од куќен притвор.

Портпаролката на Стејт департментот Викторија Нуланд рече дека официјални лица дискутираат за можностите со Чен, кој се наоѓа во болница во Пекинг под надзор на кинескиот власти. Чен ја напушти американската амбасада во Пекинг по постигнатиот договор со кинеската влада која се согласи да му ја гарантира безбедноста.

Чен за изјави дека тој и семејството сакаат да ја напуштат Кина бидејќи стравуваат за своите животи и не им веруваат на властите дека ќе го одржат ветувањето да ги заштитат.

Американски официјални лица соопштија дека ќе сторат се` што можат да му помогнат на Чен, но демантираат дека му извршиле притисок да ја напушти американската амбасада. Амбасадорот во Пекинг, Гери Лок, рече дека Чен бил возбуден што ја напушта амбасадата за да се види со семејството и тоа го сторил доброволно.

Случајот ги засени претходно закажаните годишни разговори меѓу САД и Кина. Државната секретарка Хилари Клинтон не го спомена Чен на отварањето од годишниот дијалог за стратешка безбедност, кој почна денес, но ја повика Кина да ги почитува човековите права.

Таа се наоѓа во Пекинг на дводневни разговори на високо ниво посветени на безбедноста и економските врски меѓу двете земји.

Кина, пак, веќе побара извинување од САД за овозможување прибежиште во амбасадата во Пекинг, и го окарактеризира случајот како неприфатливо мешање во внатрешните работи на земјата.

Кинескиот претседател Ху Џинтао не го спомена случајот со Чен во неговиот поздравен говор на денешниот состанок на високо ниво, но рече дека САД и Кина „мора да знаат како да се почитуваат“, иако не се согласуваат по одредени прашања.

XS
SM
MD
LG