Линкови за пристапност

Слепиот дисидент може да студира во странство


На повидок решение на дипломатскиот спор што ги обремени односите САД-Кина

Кина соопшти дека слепиот дисидент Чен Гуангченг може да се пријави да студира во странство, што, навидум е уште една индикација дека е направен пробив во дипломатскиот спор што започна откако тој избега од куќен притвор и се засолна во американската амбасада во Пекинг.

Државната секретарка Хилари Клинтон во Пекинг изјави дека смета дека постои напредок во случајот со Чен и дека е охрабрена од најновата позиција на кинеските власти. Клинтон во Пекинг учествува на редовните годишни разговори на високо ниво меѓу двете земји што беа засенети од случајот со Чен.

Американски претставници потврдија дека Чен добил покана за стипендија од американски универзитет. Еден од неговите пријатели вели дека се работи за Њујоршкиот универзитет и дека Чен планира да пропатува низ САД, пред да се врати во Кина.

Чен во изјавата за Гласот на Америка кажа дека виш владин претставник му донел цвеќе во болничката соба во Пекинг.

Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Лиу Веимин соопшти дека Чен може да се пријави да замине од земјата за да студира во странство, како и секој друг кинески државјанин.

Изјавата уследи по апелот на Чен дека е загрижен за својата безбедност и дека сака да замине за САД на одредено време.

Тој првично се согласи на претходно постигнатиот договор меѓу САД и кинеските власти што ќе му овозможеше да остане на „безбедно“ место во Кина и да продолжи да студира право. Но, се премисли само неколку часа откако замина од американската амбасада, тврдејќи дека неговото семејство станало мета на закани.

XS
SM
MD
LG