Линкови за пристапност

Меѓународен детски фестивал во Вашингтон


Меѓународен детски фестивал во Вашингтон
Меѓународен детски фестивал во Вашингтон

Македонија учествуваше по првпат. Основци од Битола се претставија со цртежи и компјутерска фотографија

Викендов, центарот на Вашингтон им припаѓаше на децата. Топлото време на Националното шеталиште не ги одврати да се дружат на Меѓународниот детски фестивал, кој се одржува на секои четири години.

Деца од преку 100 земји преку игри учеа нови работи, од водни експерименти, до отровни растенија. Истовремено, се забавауваа: од бојадисување на коси и нови фризури до боење маски на лицата.

Спортот беше инспирација што во САД ги доведе двајцата претставници од Македонија, шестооделенците Мартин Јакимовски и Бојан Звездаковски од основното училиште Стив Наумов во Битола:

„На оваа детска олимпијада се претставувам со моја компјутерска фотографија. Ме инспирираше фудбалот“, вели Мартин.

„Инспирацијата беше од цртежот – велосипедист, мојот омилен спорт“, раскажува Бојан.

За нив на Олимпијадата се грижеше Билјана Рахманова-Тасева, директорка во училиштето.

„Нашето присуството во Вашингтон претставува отварање на нови хоризонти, стекнување поинакви погледи, збратимување со училишта од останатите земји-учесници на фестивалот“, вели Рахманова-Тасева.

Во Вашингтон беа и менторите на Мартин и Бојан, наставниците по информатика и ликовно образование Иван Трпков и Славица Михаилова.

„Прво, за самите деца е значајно прошетаат надвор од Македонија и да се дружат со деца од цел свет“, нагласува Трпков.

„Креативноста може многу да се зголеми од вакви настани. Моја придобивка е што видов нови начини на предавање на предметот ликовна уметност и учество на организирани работилници“, додава Михаилова.

И децата, и наставниците го нагласуваат искуството од фестивалот како натамошна инспирација во наставата, а за првиот престој во САД се надеваат дека нема да биде и – последен.

XS
SM
MD
LG